Полицијата не успеа да ја пронајде бронзената опашка од скулптурата „Бик“ поставена на улица Македонија, ниту, пак, лицата кои ја скршиле и украле пред повеќе од две години. Од МВР велат дека и натаму работат на расчистување на случајот. Од Музејот за современа уметност сакаат бикот годинава да добие опашка, откако досега чекале да се најде старата. Средства за нова треба да се обезбедат и од буџетот на Министерството за култура. Од Музејот велат дека изработката на опашката ќе биде долг процес и ќе чини неколку илјади евра, без да ја прецизираат сумата.
„Пријавивме и чекавме полициски извештај. Чекавме и евентуално да се најде опашката. Ако се најдеше опашката, ќе беше потребна многу мала сума пари за поправка, ќе чинеше 100-200 евра, така ни кажа авторот. Треба само да се ремоделира, си има процес, во контакт сме со авторот. Но, во овој случај, бидејќи не е најдена опашката, треба да се прави нов калап и тоа е многу голема процедура. Калапот во кој е излеана оваа постоечка скулптура е за една употреба. Сега треба да се прави опашката врз основа на фотографии, а тоа е процес кој трае од шест до осум месеци. Тоа чини доста, над неколку илјади евра. Уште не сме го почнале процесот на изработка. Ние би сакале тоа да го санираме годинава, но ќе видиме како ќе стоиме со средства за тоа да се санира до крајот на годината. Сега е нова буџетска и нова програмска година“, велат од Музејот на современа уметност за „А1он“.
Од МВР велат дека СВР Скопје работи на расчистување на случајот и не споделија повеќе детали за тоа како е постапено досега во врска со кражбата од центарот на Скопје.
Обид за обезбедување средства за нова бронзена опашка на бикот имаше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска со амандман како дел од предлогот за изменување и дополнување на буџетот до 2019 година. Но, откако го поднесе, таа го повлече предлогот. Со него, се бараше 100.000 денари за обнова на споменикот.
Автор на скулптурата која е дел од проектот „Скопје 2014“ е Дарко Дуковски. Тој велеше дека симболиката на бикот е манифестација на сила, односно македонски симбол за плодноста. Дуковски за ова дело и скулптурата „Градска плажа“ зеде 50.000 евра. Од Музејот за современа уметност велат дека немаат разговарано, но сметаат дека авторот нема да наплати пари за учеството во процесот на обнова на опашката на бикот. Трошоци ќе има за набавка на материјал и плаќање на мајстор леар, кој ќе го обновува споменикот.
Опашката од споменикот е скршена кон крајот на 2018 година.