Советници на американскиот претседател Доналд Трамп се откажале од обидот да комуницираат со него при упадот на негови приврзаници во зградата на американскиот Конгрес, нарекувајќи го „психички недостапен“, пишуваат американски медиуми цитирајќи соработници на Трамп.
Според повеќе извори блиски на претседателот во заминување, тој бил „отсечен од реалноста“ откако неговите приврзаници упаднаа во зградата на Конгресот.
За време на упадот, кој го принуди Конгресот привремено да го запре процесот на потврдување на изборната победа на Џо Бајден, Трамп беше во Белата куќа, од каде пишуваше статуси на социјалните мрежи во одбрана на своите приврзаници и одби директно да го осуди насилството. Откако се обрати со слична видеопорака, беше блокиран на Твитер и Фејсбук.
Службеник на администрацијата во изјава за весникот го опиша претседателот како „апсолутно чудовиште“ кој бил „толку опседнат со идејата што го третирале неправедно, што не можел да ја види поголемата слика“.
Аксиос пишува дека најблиските пријатели на Трамп и претставници на Белата куќа „го избегнувале како чума“ и дека „тие се откажале од обидот да комуницираат со него, сметајќи го за психички недостапен“.
Репортерот на Њујорк Тајмс, Меги Хаберман вчера рече дека советниците на Трамп се обидуваат да го натераат да објави силна изјава против насилството, но тој „ги игнорирал овие инсистирања“.
Според „Политико“, околу Трамп деновиве имало помалку персонал од вообичаено.
„Не знам кој во моментот го контактира“, изјави поранешен висок службеник на администрацијата.
Еден републиканец, кого Политико го опишува како близок до Трамп, исто така изјави: „Не сакам да разговарам со него … Што ќе кажам? Ова е едно од оние моменти кога не знам дали сакам да сум вклучен”.
Според „Вашингтон пост“, Трамп бил толку лут на потпретседателот Мајк Пенс, кој ја водел седницата на Конгресот, што „не можел да размислува трезвено“.