Неточни се гласините дека ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска се дала во бегство по одлуката на Врховниот суд кој ја потврди четиригодишната затворска казна, тврди таа во телефонски разговор за „А1он“. Јанкулоска вели дека е дома, а во однос на одлуката која ја донесе Врховниот суд не сакаше да коментира. Четиригодишната казна за ексминистерката е за случајот „Тенк“, односно спорната набавка на „мерцедесот“ вреден над половина милион евра, каде СЈО ја гонеше за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
„Глупости се тоа. Дома сум. Кој сака нека повели на кафе. Да ви испратам локација, селфи, не знам што да ви кажам..“, вели кратко Јанкулоска за „А1он“ по гласините по одредени портали дека е во бегство.
Информацијата дека Јанкулоска избегала беше објавувана од вчеравечер на повеќе портали, фејсбук страни, како и на социјалните мрежи.
Кривичниот суд се уште ја нема добиено одлуката донесена од Врховниот суд, за потоа, судија за извршување санкции и даде упатен акт за во затвор на Јанкулоска. МВР, пак, може да постапи само доколку добие наредба за спроведување на Јанкулоска во затвор.
„Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Г.Ј. Кога ќе добиеме наредба од судот, ќе постапиме. За сите други информации е надлежен судот“, велат од МВР за „А1он“.
Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а пак, Апелациониот суд и ја намали казната на четири години. На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост.
Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а помошникот во министерството Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.
Јанкулоска во завршните зборови на судењето побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да влијае и да врши притисок.