Отказ му е врачен на Зоран Ѓорѓиевски, поранешниот советник на екстехничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев откако за време на изборниот ден, физички нападна началник од СВР Тетово. Одлуката ја донела комисијата која ја состави Одделот за внатрешна контрола при МВР, по анализа на материјалите и поведението на државниот советник, при што било констатирано дека тој се однесувал насилно и недолично на јавно место, при што го нарушил угледот на министерството.
„Дисциплинската комисија утврдила дека во Тетово, државниот советник З. Ѓ. отишол на местото каде се вршел увид на сообраќајна незгода, каде што се наоѓале командирот З.Т. и уште двајца полициски службеници, и на дрзок начин со навреди и пцовки се нафрлил врз З.Т. и се обидел физички да го нападне. Државниот советник насилнички се однесувал кон командирот З.Т.. и со таквото однесување го нарушил угледот на командирот З.Т. и угледот на Министерството за внатрешни работи, постапувајќи спротивно на Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи помеѓу полициските службеници. Во врска со настанот било постапено од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, за што бил изготвен извештај од 20.07.2020, согласно кој е поднесена и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за ГОКК“, велат од МВР.
Отказното решение за советникот Ѓорѓиевски доаѓа откако Владата го поништи првото дисциплинско решение кое беше донесено додека на челно на МВР беше Наќе Чулев, а со кое му беше намалена платата на Ѓорѓиевски, како казна за нападот на началникот. Решението беше поништено бидејќи е донесено во изборен период, кога, дисциплинските постапки не можат да резултираат со откази од работно место, иако, на советникот на Чулев за физичкиот и вербален напад му се заканувала и таква казна, која сега му е изречена.
Советникот Ѓорѓиевски ѝ е познат на јавноста и по инцидентот кој го предизвика кога во Македонија беше воведен полициски час. Тогаш, тој се закануваше на полициски службеник кој го сопре на контрола и му побара дозвола за движење. Тогаш, Ѓорѓиевски спротивно на своите овластувања, му издаваше и наредби на службеникот, посочувајќи му дека ако не го послуша, ќе трпи последици.