Иницијативен одбор за вонреден конгрес: По неуспехот да формира Влада, Мицкоски не собра храброст да ја понуди својата оставка

Од:

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ го поздрави тоа што претседателот Христијан Мицкоски решил да го прекине молкот и неговото исчезнување и криење од јавноста.

Тие жалат што денеска, после исполнувањето на вториот услов за оставка – неформирање влада, Мицкоски не собрал храброст и демократски капацитет да ја понуди својата оставка пред членството на партијата.

„Членството најдобро знае дека единствен виновник што Зоран Заев по втор пат стана премиер е Христијан Мицкоски. Додека „шпицен“ кандидатот вчера го мачела дилемата дали да ја гледа синоќешната собраниска седница со пуканки или со чипс пред телевизор, членството на ВМРО-ДПМНЕ не може да се смири додека не најде одговор на прашањето „како можеше да се испушти ваква шанса”, се вели во соопштението на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

„Одговорот е јасен. Човек што нема храброст да заземе став по ниедно прашање, човек што се крие на денот на избори и не им се заблагодарува на оние кои трчале за него, нема капацитет да го води ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот Мицкоски пред изборите тврдеше дека според навигацијата што ја имал и релевантните анкети, ВМРО-ДПМНЕ има огромна предност пред СДСМ. На изборите се виде дека или лажел, или немал харизма за да ја материјализира таа предност или едноставно се договорил и му ја подарил победата на Зоран Заев. Што и да е, подеднакво е лошо и недозволиво за лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во соопштението.

Од Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ велат дека одговорност и вонреден конгрес мора да има.

„Најпосакувано сценарио на Зоран Заев е Мицкоски да продолжи да ја води партијата во нови порази и после секој пораз да прогласува победи и да наоѓа оправдувања за пропустите. Тоа не е опција ни за членството, ни за Македонија. Потребно е силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе биде сериозна алтернатива и ќе го совлада Заев“, се додава во соопштението на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Би можело да ве интересира

Мицкоски да ја надрасне суетата инаку ќе доживее фијаското на локалните избори, порака од иницијаторите за вонреден Конгрес

Габриела Димковиќ-Мишевска

Иницијатива за Конгрес: Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови

Катерина Ѓуровски

Иницијативниот одбор го одложи најавениот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

Жарко Настоски

Стамов: Поддршката за смена на Мицкоски од ден во ден се зголемува

Искра Манојлоска

Иницијативен одбор: 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток

Ана Ололовска

Иницијативен одбор за вонреден конгрес: На ВМРО-ДПМНЕ не му треба лидер кој бега од сите круцијални одлуки

Ана Ололовска