Обвинителството на Хашкиот трубунал, во среда ќе продолжи со изведување докази против поранешниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, во делот на обвинението кое се однесува на Сребрница.
Се очекува идната недела да сведочат еден холандски генерал и двајца војници, од Холандскиот баталјон на Унпрофор, кој беше задолжен за заштита на Сребреница.
Судењето на Младиќ започна во мај минатата година. Според последните проценки доказната постапка треба да заврши во октомври годинава.
До сега искази дадоа 85 сведоци и како што се наведува во еден поднесок, обвинителството веќе презентираше половина од предметот.
Обвинението во две точки го терети Младиќ за геноцид во Фоча, Кључ, Котор- Варош, Приједор, Сански мост и Власеница 1992 и во Сребреница 1995 година, а останатите девет точки се за прогон, убиства, депортација, терор нехумани дела, противправни напади и киднапирања.
Елена Георгиевска