Сите африкански земји имаат развиено лабораториски капацитети за тестирање на коронавирусот, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејес, кој предупреди дека пандемијата се разгорува.
За време на виртуелната конференција за развој на вакцина за Ковид-19 и нејзина достапност на африканскиот континент, Тедрос истакна дека за само една недела биле регистрирани еден милион случаи на коронавирус.
Тој додаде дека во моментов се работи на повеќе од 220 „кандидати за вакцина“ и повика вакцината да биде „достапна и развиена во обем без преседан“.
Шефот на африканскиот Центар за контрола на болести, Џон Нкенгасонг ги повика земјите да обезбедат доволно резерви на вакцината со цел да се избегне Африка да биде изоставена.
„Ако сега не дејствуваме, Африка е во ризик да биде изоставена во глобалната трка за вакцина,“ рече тој.