Рускиот милијардер Роман Абрамовиќ, сопственик на англискиот фудбалски клуб „Челзи“ и голем љубител на јахти, отпадна од листата на „Форбс“ на 10-те најбогати Руси. Рускиот олигарх, според пишувањето на американскиот весник „Форбс“, загубил 1,9 милијарди долари од богатството и сега „тежи“ 10,2 милијарди долари, што го рангира на 13-то место на Форбсовата листа на најбогати Руси и на 107 место во светот, пренесуваат француските медиуми.
Форбс, меѓутоа, не ги наведува причините за падот на богатството на Абрамовиќ, а единствено споменува дека тој има една од најголемите јахти на светот, што ја користи за патувањата ширум светот.
Минатиот месец раѓањето на неговото седмо дете „Форбс“ го нарече „најскапото породување во историјата“, наведувајќи дека трошоците за породувањето на неговата ќерка на американско тло достигнаа повеќе стотици милиони долари.
„Форбс“ укажува дека Абрамовиќ има и колекција на уметнички дела, чија вредност се проценува на милијарда долари, а само оваа година тој купил 40 трудови на концептуалниот уметник Илија Кабаков, за кои потрошил 60 милиони долари.
Прв на листата најбогати Руси, втора година по ред, е Алишер Усманов, руски олигарх роден во Узбекистан, чие богатство се проценува на 17,6 милијарди долари.