Поранешниот капитен и столб на одбраната на ФК Вардар, Бобан Грнчаров на својот Фејсбук профил напиша статус во кој вели дека парите кои „црвено-црните“ ги заработиле со историскиот пласман во Лига Европа есента 2017 наместо да завршат во клупската каса, завршиле кај РК Вардар.
– Многу ми е смешно кога гледам коментари Град Скопје да помогне на ФК Вардар. Како прво, Вардар бара помош од Град Скопје кога должи над 2 милиона евра, зашто кога земаа пари од Европа над 5 милиони не кажаа ‘Ај ќе поделиме со Град Скопје’, за утре-задутре ако ни требаат ќе ни помогнат тие. Вардар е приватен клуб и кога зема пари и кога треба да се дадат пари, едино за ова што се дешава моментално е крив еден човек и тој треба тоа да го реши сам (се надеваме дека денес ќе го реши и Вардар ќе добие лиценца), а второ, парите што ги земаа од Лига Европа се во РК Вардар, така да сега нека бараат помош таму, напиша Грнчаров.