Прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“ издвоила 3,5 милиони денари од почетокот на кризата и преку финансиски донации, набавка на средства за дезинфекција, заштитни средства и со прехранбени продукти, им помогнала на повеќе институции и граѓани, соопшти компанијата.
Најголема помош е издвоена за Министерството за здравство, за кое е донирано медицинска опрема, медицински потрошен материјал, средства за дезинфекција, илјада ПСР-тестови за КОВИД-19 во вкупна вредност 1.732.510 денари.
Неопходна медицинска опрема е донирана и во Здрвствениот дом во Прилеп, а за вработените на Инфективната клиника во Скопје како благодарност за нивната пожртвуваност во борбата со КОВИД-19, „Витаминка“ достави пакети со прехранбени производи за сите 170 вработени, со вкупна вредност од 243.616 денари.
Покрај помошта упатена во клучните сектори каде што е потребна, „Витаминка“ им помогна и на ранливите групи граѓани со донации на финансиска помош, средства или производи, доделени преку невладини и хуманитарни организации.
За поголема заштита и превенција од КОВИД-19, компанијата со прехранбени производи и средства за дезинфекција во вкупна вредност од 550 илјади денари ги помогна и општините Прилеп, Кавадарци и Штип.
Компанијата и на своите вработени им додели пакет прехранбени производи.