Sвездата на Барселона, Лионел Меси се изрази против управата на клубот, откако откри дека фудбалерите на тимот од Каталонија се согласиле на намалување на платите од 70% за време на кризата со коронавирус во Шпанија.
Фудбалерите од првиот тим се согласија да добијат пониски плати, за другите вработени во клубот да можат да ја добијат целосната плата за време на пандемијата.
„Покрај намалувањето на платите од 70 проценти за време на вонредната состојба, играчите исто така ќе дадат дополнителен придонес за да им помогнат на вработените да добијат 100 проценти од својата плата додека трае кризата. Многу е кажано и напишано за првиот тим и платите во Барселона. Како прво, сакаме да дадеме до знаење дека отсекогаш сме сакале да прифатиме намалување на платите затоа што разбираме дека ова е итен случај и ние сме први кои секогаш му помагаме на клубот кога има потреба. Многу пати го правевме тоа на своја иницијатива, а во други времиња кога мислевме дека е важно“, рече Меси.
Тој вели дека е изненаден што има луѓе во клубот кои се обидуваат да ги стават играчите под лупа и „да нè стават под притисок да направиме нешто што секогаш знаевме дека ќе го сториме“.
– Всушност, аранжманот беше одложен за неколку дена затоа што во овие тешки времиња баравме формула да му помогнеме на клубот и нејзините вработени, додаде шесткратниот добитник на Златната топка.
Ова не е прв пат во последните месеци Меси да е во конфликт со раководството на Барселона. Претходно оваа година, тој зборуваше против спортскиот директор на Каталонците, Ерик Абидал, кој си дозволи да ги критикува играчите за слаби перформанси.