Министерката за правда Рената Дескоска од својот фејбук-профил ги прозва пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека го барале јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој вчера се појави на јавната расправа, но не сакале да го сослушаат што има да им каже.
Таа потсети дека јавната расправа по Законот за јавно обвинителство продолжува во интерес на реформите во правосудниот систем.
„Денеска продолжува јавната расправа за Законот за јавно обвинителство. И денес матрицата на ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе на површина – бараат цензура и се противат јавниот обвинител Јовевски и јас да земеме збор и да го кажеме мислењето по вчерашните предлози.
Го бараа Јовевски, а не сакаат да го слушнат. И спротивно на деловникот се противат да кажам кои се следните чекори во градење консензус околу законот“, напиша Дескоска.
Реакцијата на Дескоска следи откако вчера на говорот на јавниот обвинител Љубомир Јовески пратеници од опозицијата предводени од Антонијо Милошоски спуштија транспарент од собраниската галерија со цел да го прекинат излагањето на Јовески.
На транспарентот пишуваше „Господине Јовески, до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба“ и со него кратко успеаја да ја прекинат расправата и да го привлечат вниманието на присутните и на медиумите.
Присутните во салата беа изненадени од ненајавениот гест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи пред организирањето на јавната расправа пратеникот Милошоски како шеф на преговарачката група за законот, како услов токму го побара присуството на обвинителот Јовески.
Неколку дека пред расправата ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите на кои беа присутни сите парламентарни партии со образложение дека министерката Дескоска не го исполнила нивното барање и не го поканила Јовески на средбата со работните групи.
Дескоска тогаш им најави дека обвинителот ќе биде присутен на јавната расправа и ќе може да го слушнат и неговото излагање и забелешките за законот.