Граѓаните од денеска преку директна комуникација со стручни тимови на Управата за имотно правни работи ќе може да добијат стручна помош за решавање проблеми од имотно правен карактер и да добијат одговор на прашања од таа област.
За таа цел ќе се спроведе акција „Отворено со Управата за имотно правни работи“ во просториите на подрачните одделенија за првостепена управна постапка, која ќе трае до 28 март од 10 до 18 часот, соопшти Министерството за финансии.
Денеска и утре акцијата ќе се одвива во подрачните одделенија за првостепена управна постапка во општините Карпош, Центар и Кисела Вода. На 22 март граѓаните добиваат можност за средби со стручни тимови на Управата во подрачното одделение за првостепена управна постапка во Куманово, на 25 во Битола, на 26 во Охрид и во Струга, на 27 во Гостивар и во Тетово. Акцијата ќе заврши со активности на 28 март во подрачните одделенија за првостепена управна постапка во Струмица и во Штип.