„Не станува збор за полициска акција, туку за контрола од стана на двајца инспектори од МВР, на кои им се доставени потребните документи и кои потврдија дека нема ништо спорно во работењето на компанијата. Ние ја поздравуваме инспекцијата затоа што тоа е во насока конечно да се расчисти политичката и медиумска хајка која се води против приватните компании во Македонија“, велат од компанијата „Орка Холдинг“, по изнесените информации дека има полициска акција во фирмите на Камчев, а во врска со претседателската кампања на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што веќе објавивме, полиција утринава влегла во три фирми, од кои една е поврзана со бизнисменот Орце Камчев, а се претпоставува дека станува збор за долгот од над 400.000 евра на сметката од ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори во април годинава.
Според официјалните податоци од Државниот завод за ревизија, ВМРО-ДПМНЕ во септември ја затвора сметката со неплатени 442 илјади евра, иако таа требало да биде затворена со салдо нула. Долгот на компанијата е кон две фирми, за печатење маици.
„Сакаме уште еднаш да демантираме дека ниту компанијата Монт, ниту Орка Холдинг на било каков начин имаат учествувано во предизборната кампања на г-ѓа Сиљановска на претходните претседателски избори. Маиците од компанијата Монт која работи во областа на текстилната индустрија беа нарачани и набавени единствено на страната на Polyesterday-компанија со која ние имаме долгогодишна соработка, а која во случајов е наш должник и станува збор за долг за кој веќе имаме испратено Опомена пред тужба до должникот. Со понатамошните активности на Polyesterday по набавката на маиците не сме никако поврзани ниту навлегуваме во истото.Изнесувањето на информациите во јавноста на овој начин е пример за класична инсинуација, нешто со кое се прават обиди во јавноста да се наруши угледот и името на нашите брендови“, велат од компанијата.