Група од осум мажи силувале 39-годишна швајцарска туристка и го претепале нејзинот сопруг во индиската држава Мадхија-Прадеш, изјави денеска полицијата, цитирана од ДПА.
Силувањето било извршено синоќа во село во близина на градот Датија.
Двојката патувала со нивниот автомобил од градот Орчха за градот Сеонда и запрела да преноќи крај селото.
Осум мажи со стапови го нападнале семејството, го претепале мажот и ја силувале жената, а потоа ги ограбиле.
Жената е примена во болница, каде првичните прегледи потврдиле дека е силувана.
Осум лица се приведени на распит за случајот, но полицијата продолжува да трага по напаѓачите.
Зголемениот број силувања во Индија буди загриженост, особено по групното силување на 23-годишната девојка во автобус во Њу Делхи, во декември минатата година.
Во 2011 година биле регистрирани 24.206 силувања, а податоците за 2012 година уште не се готови.