Автомобили, станови, кредити, акции, но речиси никаква пријавена заштеда – вака накусо може да се опише колкав имот стекнале специјалните јавни обвинители четири години по давањето на свечената заклетва, а сега се вратија на старите функции во обвинителствата.
„А1он“ изврши увид во промените во анкетните листови на единаесеттемина обвинители од СЈО во антикорупциската комисија.
Со плати од 2,5 до 3 илјади евра и надоместоци кои често ја надминувале и висината на платата, речиси и да нема обвинител што не се подновил со нов автомобил во текот на својот мандат, но никој, освен обвинителката Ленче Ристоска, не пријавил дека тргнал пари на страна.
Ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, во јуни годинава, или еден месец пред да се отвори аферата „Рекет“, купила „ауди А6“ од 2005 година за својот син за 6 илјади евра. Со нов автомобил се подновил и специјалниот јавен обвинител Гаврил Бубевски – тој на лизинг купил „шкода карок“ за над 28.000 евра и продал стан од 44 квадрати. Семејството на обвинителот Љубомир Лапе, пак, се стекнало со два автомобила. За себе тој купил „фолксваген пасат“ за 13.900 евра, а неговата сопруга купила „мазда ЦХ 3“ за 18,5 илјади евра.
Трајче Пеливанов, по назначувањето за специјален јавен обвинител, склучил преддоговор за купопродажба на стан во изградба од 113 илјади евра, продал друг стан, купил „мазда 6“ за 20 илјади евра и зел кредит од 70 илјади евра.
Бурим Рустеми, по доаѓањето во СЈО, купувал претежно акции, а обвинителката Лиле Стефанова парите ги вложила во имот на име на ќерката за 80 илјади евра. Обвинителот Артан Ајро купил стан од 77 квадратни метри во Струга со дел од орочените пари, а го подновил и возниот парк – купил „бмв 530 Д“ од над 21 илјада евра.
Фатиме Фетаи за време на својот мандат како специјална јавна обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист, односно споила два кредита и сега треба да отплаќа 78 илјади евра во наредните 20 години. Обвинителката Елизабета Јосифовска, пак, лани зела кредит од 170 илјади евра и на децата им купила станови по 72 квадратни метра во Скопје
Единствено, Ленче Ристоска пријавила дека штедела за време на мандатот. Во 2017 таа пријавила дека заштедила 6 илјади евра, потоа сумата пораснала на 18 илјади евра, а годинава вкупната заштеда ѝ изнесува 32 илјади евра. Најмалку промени во анкетниот лист навел обвинителот Стевчо Донев – единствено навел дека за време на својот мандат мајка му го зголемила сопственичкиот дел од имотот во Кочани над две илјади евра.
За специјалното јавно обвинителство, институцијата што даде надеж, но неславно згасна, речиси и да не може да се добијат повеќе податоци во јавноста – колкави надоместоци примале јавните обвинители надвор од платата останува тајна – одлуката е класифицирана доверлива информација, која по разрешувањето на Катица Јанева, никој не може да ја ослободи од тајност.