„Деновиве Апелациониот суд во Скопје го објави образложението на ослободителната пресуда во предметот „Талир 2“ во која постапував како обвинител. Заклучокот што можам да го изведам е дека ослободителната пресуда не е донесена поради недостиг на докази, туку поради толкување на судот кое не наоѓа правна поткрепа во законите.
Случајот Талир 2 е случај за тоа како политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со цел да добие партиско седиште и финансиски средства, на градежната компанија Бетон и пренесува градежно неизградено земјиште од околу 800 м2 и за возврат добива изградба на партиското седиште и исплаќање на паричен износ, сето во вредност од околу 9 милиони евра (над 10.000 евра за метар квадратен неизградено земјиште во 2013 година), во период кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а градежната компанија интензивно добива тендери од државата“. Ова меѓудругото на Фејсбук го напиша обвинителката Ленче Ристоска.
Таа вели „во тоа време парите кои Бетон ги добива од државата претставуваат 75 проценти од вкупните приходи кои градежната компанија ги остварува на годишно ниво. Компанија во која над 75% од вкупниот приход доаѓа од државата не е слободен донатор. Нејзиното работење зависи од државата, а токму ваквиот однос Законот за финансирање на политичките партии го препознава како пречка за политичко финансирање“.
„Согласно Законот за финансирање на политички партии политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор, со тоа што како донација се сметаат и стоките и услугите кои приватните компании ги даваат на политичките партии, а кои ја надминуваат пазарната вредност. Во конкретниот случај со вештачење е утврдено дека градежното неизградено земјиште сопственост на ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година имало вредност од околу 800.000 евра, така што десеткратно е надмината неговата пазарна вредност, па ваквиот износ, во смисла на Законот има третман на донација. За Апелациониот суд не е спорен фактот дека компанијата Бетон добивала државни пари и дека го изградила партиското седиште и исплатила пари на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што Апелација го спори е значењето на терминот „јавна услуга“ и како одлучувачки правен критериум конструира дефиниција изразена во една дескриптивна реченица која што има енциклопедиски призвук и за која не е наведена законска поткрепа од македонското законодавство – цитирам: „преку јавната услуга државата обезбедува услуги во здравството, образованието, комуналиите, поштата, телекомуникациите, транспортот, полицијата и противпожарната заштита и се сметаат за јавни услуги бидејќи се обезбедуваат заради одржување на добросостојбата на секој граѓанин и помагаат во развојот на општеството во целина.“ Ова е многу паушално објаснување за вака значајно и сериозно прашање, со долгорочни последици по однос на политичката и високата корупција и злоупотребата на буџетски пари“ пишува Ристоска.
Според неа, „кога во закон постои термин кој не е дефиниран, во овој случај терминот „јавни услуги“, во правната пракса се пристапува кон телеолошко толкување. Се тргнува од текстот на самата одредба, а кога тој не е доволен, се утврдува целта заради која нормата е донесена. Законот за финансирање на политички партии е донесен во 2004 година, една година по усвојувањето на Препораката Rec(2003)4 на Комитетот на министри на Советот на Европа, и оперира со истата терминологија со која оперира и Препораката — goods and services, односно стоки и услуги. Таа поделба е видлива и во самиот закон: член 15 став 1 говори за донации во вид на пари, материјални средства или услуги, а став 4 за продажба на стоки и давање на услуги по цени пониски од пазарните. Членот 20 алинеја 6 пак предвидува дека политичките партии не можат да се финансираат од приватни претпријатија кои во моментот на давање прилог за политичката партија вршат јавни услуги за државни органи или за јавни установи, претпријатија и фондови по пат на договор. Изградбата на објект не е ниту пари, ниту испорачана стока, туку во таксономијата на Законот таа е услуга. Затоа спорно е толкувањето на Апелациониот суд дека изградба на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Со ваквото толкување Апелациониот суд ја стеснува националната норма под опфатот на европскиот стандард што таа го внесува во домашното право, бидејќи суштината на членот 5 б од Препораката е токму ограничувањето буџетските пари кои ги добиваат приватните ентитети да завршат во партиската каса“.
„Со толкувањето на Апелациониот суд се занемарува околноста дека членот 20 од Законот за финансирање на политички партии не бара услугата да е „јавна услуга“ во било каква апстрактна смисла. Тој бара услугата да се врши за државен орган по пат на договор. Придавката „јавна“ во контекст на таа реченица ја означува сферата во која делува корисникот на услугата, не природата на дејноста што се обезбедува со услугата. И останатите алинеи од член 20 кои го ограничуваат финансирањето на политичките партии — забраната за финансирање од странски субјекти, од анонимни извори, од претпријатија со доминантен странски капитал, од државни претпријатија — сите тргнуваат од тоа од каде доаѓаат парите. Затоа и интерпретацијата на алинејата која се однесува на овој конкретен случај мора да ја следи истата логика и да го почитува редот во кој законодавецот ја поставил“ вели Ристоска.
Обвинителката вели дека „спорен е ставот на Апелациониот суд дека изградбата на градби и објекти во сопственост на државата не претставува вршење на јавна услуга. Дури и да се водиме од ад хок дефиницијата на Апелација, во најмала рака е дискутабилно како тоа градење на објекти, патишта, мостови, брани, стадиони, градинки и училишта, сите дел од портфолиото на Бетон, не придонесуваат за одржување на добросостојбата на секој граѓанин и не помагаат во развојот на општеството во целина“.
„Доколку аргументацијата на Апелациониот суд се прифати како правен стандард, би се довеле до апсурдна состојба на легализирање на политичката корупција, па така секоја компанија што ќе добива државни тендери потоа дел од профитот ќе го пренесе во политичките партии прикажувајќи го како донација и сето ова нема да биде казниво бидејќи ќе постои судска пракса која ова го дозволува. Ова сериозно ја нарушува суштината на законот и го прави целосно неупотреблив за најчувствителната точка која што треба да ја адресира, а тоа е финансирање на политички партии од претпријатија кои добиваат буџетски средства“ вели таа.
