Алијансата за Албанците преку соопштение јавно му се обрати на премиерот Зоран Заев по изјавата на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети кој рече дека премиерот барал помош од него да влијае врз членови на Судскиот совет за смена на претседател на еден од судовите во државава.
„Почитуван премиер, не знаеме која е вистината на изјавата на Блерим Беџети во неговите тврдења дека вие сте побарале помош од него, токму за да влијае за разрешување на Јово Вангеловски. Веруваме дека ја слушнавте бомбите кои што сами ги објавивте, како тој, заедно со челниците на ВМРО, инсталираа партиски судии и обвинители кои беа во служба на режимот ВМРО-ДУИ. Парадоксално е вие да побарате негова помош и на ДУИ за да го реформирате правосудниот систем, токму од оние кои ја доведоа правдата во мизерна состојба, без трунка доверба и кредибилитет“, соопшти Алијансата.
Од партијата нагласуваат дека ДУИ продолжува да ги брани сите функционери на ВМРО и незјините блиски луѓе, што укажува дека коалицијата меѓу нив е сè уште жива, како во времето кога не дозволиле да му се одземе мандатот на Трајко Вељноски за случајот 27-ми Април, како и пред неколку дена кога не дозволиле да биде разрешен претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски.
“Премиеру, вие имавте прилика да создадете услови функционерите на ДУИ вклучени во корупција и организиран криминал, заедно со партиските судии и обвинители, да дадат отчет за нивното минато, но вие тоа не го сторивте. Вие ги амнестирате, а потоа барате помош од нив, и да не не чуди ако сте станале исти како нив“, стои во соопштението од Алијансата за Албанците.
Вчера градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети обвини дека премиерот Зоран Заев побарал од него да влијае врз членови на Судскиот совет за да се смени претседател на еден од судовите, а откако тој одбил да влијае, Државната комисија за спречување на корупцијата одлучила да се бара кривична одговорност од него поради непостапување по барањата за легализација на дивите платформи на Матка. Ја обвини и Комисијата дека е корумпирана, дека манипулира со јавноста и ја злоупотребува функцијата.