Семејството Хамон од Америка вчера се збогуваше од Жиле, планинското куче од Попова Шапка кое во 2013 година беше застрелано и парализирано на задните нозе, а потоа беше посвоено во Пенсилванија. По 6 години живот во Америка, Џон и Ким, кои го зедоа Жиле од Македонија за да биде куче – чувар за нивната ќеркичка Морган, мораа да кажат збогум на нивниот миленик, кој во последно време имаше сериозни здравствени проблеми, и поради староста и поради парализата.
Од Жиле денеска се збогуваат многумина на социјалните мрежи, бидејќи тој беше првото куче од Македонија кое одеше со специјално направена инвалидска количка, за него беше изработен и краток документарен филм, а луѓе од различни држави од светот собираа пари и донираа за тој да може да замине во Америка, во новиот дом.
„Ни беше чест што Жиле беше дел од нашите животи. Неговиот дух беше најпрекрасното нешто кај него. Тој денеска ќе биде кремиран за да можеме да ја пратиме пепелта во Македонија и да биде расфрлена на Попова Шапка, планината на која Жиле ѝ припаѓаше. Тоа беше неговиот вистински дом“, напиша Ким Хамон, сопственичката на Жиле на неговата Фејсбук страница.
Новинарката и активистка за заштита на животните, Мери Јордановска, која го зеде Жиле во свои раце кога тој беше застрелан и парализиран и го донесе во Скопје, а потоа го испрати за Пенсилванија, исто така се збогуваше од кучето кое сплоти стотици луѓе.
„Чудно е како еден настан може да промени толку многу животи и да ги зближи луѓето. Претходно имав толку голем револт кон човекот што пукаше во Жиле. Шест години подоцна, знам дека Жиле му помогна на едно девојче, Жиле ме натера никогаш да не се откажувам, Жиле зближи две семејства од различни континенти, Жиле нè научи дека попреченоста кај кучињата не е причина за еутаназија, тој ја смени свеста кај толку многу луѓе, во земјава и во странство. Ова го пишувам со многу солзи затоа што не бев подготвена да се збогувам. Но, длабоко внатре, знам дека неговата 10 годишна мисија е завршена. Тој страдаше, но никогаш не се откажа. Тој нè научи дека ништо не е невозможно ако имаш волја. Тој ја извади човечноста од многу луѓе на планетава. Обедини луѓе од многу држави. Ни покажа дека кучињата можат да им помогнат на луѓето. Зближи две семејства кои не зборуваат ист јазик. Жиле умре онака како што живееше – гордо и достоинствено“, напиша таа.
Жиле беше алфа-мажјакот на Попова Шапка. Во 2013 година непознато лице пукаше во повеќе кучиња на планината, а од нив настрада само Жиле. Тој беше погоден со куршум во рбетот и оставен парализиран. Јордановска го зеде кучето и го донесе во Скопје, каде што со месеци се грижеше за него, со помош на други активисти и ветеринарот Марин Величковски. Жиле стана популарен на социјалните мрежи бидејќи со него замре практиката што се спроведуваше во Македонија, дека секое парализирано куче треба да биде успиено. За него почнаа да стигнуваат донации од целиот свет, се собираа пари и му се купи количка специјализирана за парализирани кучиња. По извесно време, Џон и Ким од Америка се понудија да го посвојат Жиле, да биде куче – чувар за нивната ќеркичка Морган, која има здравствени проблеми.
„Сакавме куче кое не е совршено, а сепак има голема волја за живот. Тоа ќе ѝ покаже на Морган дека ништо не е невозможно и дека волјата за живот е најважна“, изјави тогаш Џон.
Во септември 2013 година, Жиле отпатува за Америка. Таму живееше прекрасен живот, целата куќа беше оспособена за тој да може слободно да се движи, неретко го оставаа на задниот дел од џипот со отворена врата, да гледа од високо и да се чувствува како да е на планина, го носеа со нив на многу патувања, а во меѓувреме семејството посвои уште едно кученце, за Жиле да има друштво.
Во 2017 година, Јордановска отиде во Америка и го посети нејзиниот миленик, а нивната срцепарателна средба ја пренесоа и странските медиуми, бидејќи тој ја позна и ѝ се фрли во прегратки, иако ја немаше видено повеќе од три години.
Жиле замина, но неговата приказна и натаму останува, за да докаже дека колку еден момент, еден настан и едно суштество може да ги направи луѓето подобри, побогати, похумани и посплотени.