Кој е всушност 33-годишниот Бојан Јовановски попознат како Боки 13 е прашање на кое тешко се доаѓа до одговор, особено поради фактот што неговата кариера оди во различни насоки, од естрадни, преку хуманитарни, до менаџерски, за денеска да биде приведен поради сомнеж дека барал рекет од 8 милиони евра од бизнисмен, за да посредува преку јавен обвинител да биде олеснета постапката што се води против бизнисменот.
Името на Боки 13 првпат стана познато во јавноста пред десетина години кога тој беше учесник во реалното шоу „Големиот брат“ во 2010 година. Неговото име може да се најде и на „Википедија“ каде стои дека тој знаел да заплива и во водителските води, има и кратка пејачка кариера и композиции на македонски и српски јазик. Јавноста долго време го паметеше по тоа што носеше женска гардероба, а истото стои и на „Википедија“, каде што се вели дека „својата популарност ја достигнал со имитаторството на познати балкански пејачи и по својот женски стил на облекување“.
Тој често можеше да се види во присуство на познати ликови од естрадата и по скапата брендирана гардероба.
Од пред неколку години, Боки 13 почна да навлегува во хуманитарни води, да помага на социјално загрозени семејства и да им дава парична помош на луѓе кои бараа помош за преживување или лекување.
Така настана и Меѓународниот сојуз, во 2017 година, каде што Бојан Јовановски стана директор, а еден од сопствениците на сојузот е актуелната сопственичка на БМЈ Медиа Груп (фирма сопственик на 1ТВ), Јасна Мандиќ (Ерцеговиќ),која е и директор на 1ТВ.
На седницата кога Боки 13 беше избран за директор на Меѓународниот сојуз, присуствуваа и пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, заедно со пратеникот Стефан Богоев, актуелен градоначалник на Карпош, тогашниот британски амбасадор Чарлс Гарет, водителките Лила Филиповска и Јована Стојменовиќ, заедно со многу естрадни и јавни личности.
Јовановски тогаш рече дека финансиската добивка како претседател ќе ја донира секаде каде што е потребно. За почесен претседател на овој сојуз беше избрана екс-министерката за труд и социјална политика, актуелна пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски.
По формирањето на сојузот, Јовановски Боки 13 најави дека сака да посвои три деца и дека ќе поднесе барање до надлежното министерство за труд и социјална политика, но подоцна се премисли. Истата година, Јовановски се сретнуваше со политичари, градоначалници и пратеници, ветуваа заеднички проекти, но, како што може да се види и од веб-страницата на Меѓународниот сојуз – активностите застанале истата година кога и почнале, во 2017 година.
Наредната година, одекна веста дека Меѓународниот сојуз Скопје заедно со ГП „Пелистер“ на Силјан Мицевски почнува нов инвестициски проект за изградба на Европски ценар за возрасни лица и мобилен сервис.
„Целокупниот проект е во висина од над 10 милиони евра. Меѓународен сојуз Скопје со стратешкиот партнер ГП „Пелистер“ веќе работи на првите два центри, лоцирани во Битола и Охрид“, беше најавено на настанот, но и овој проект засега, барем според она што е познато во јавноста, остана само како најава.
Активностите на Боки 13 во наредната година се насочија во друга насока – медиумите. Во март 2018 година гламурозно беше отворена новата 1ТВ, но истиот месец медиумите обелоденија дека на Јовановски му била поднесена прекршочна пријава за шверц на скапа облека и обувки откако долетал со авион од Виена и дека требало да плати казна во висина од 15.000 евра.
„Но, наместо да ја плати глобата, Боки 13 си ги зел запленетите обувки и без да плати казна си заминал. Дека чевлите се кај него Боки самиот се пофали на денот на отворањето на неговата телевизија каде на фотографиите е сликан со еден од десетте чифта чевли кои цариниците ги запленија. Да биде иронијата поголема, фотографијата со шверцуваната стока беше уредно објавена на редовниот билтен за заплени на Царинската управа“, пишуваа медиумите.
Набрзо по затворањето на овој случај, следуваше и отворањето на новата телевизија, која беше спектукаларно најавувана.
На отворањето на телевизијата присуствуваа министрите Рената Дескоска, Кочо Анѓушев, тогашниот министер Љупчо Николовски, градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев, многу пратеници и естрадни ѕвезди… Слично беше и наредната година, во март кога се славеше една година од постоењето на телевизијата, а речиси целата Влада беше присутна на настанот.
Сепак, кратко по отворањето, телевизијата се соочи со низа постапки од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Беше покрената постапка за скриено сопствеништво, бидејќи Бојан Јовановски не фигурира во сопствеништвото на телевизијата, туку неговиот татко Миле Јовановски, заедно со Јасна Мандиќ (Ерцеговиќ).
Постапка беше и отворена и откако мајката на Бојан Јовановски, Јасминка Јовановска, доби државна функција како член на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации, по што таа се повлече од функцијата.
Телевизијата не ги достави навреме ценовниците за претседателските избори, па случајот заврши на суд. Долго време во јавноста беше најавувана емисијата „Македонски инсајдер“, а откако беше емитувана првата епизода, бизнисменот Зоран Азманов обвини дека му бил баран рекет од страна на неформалниот сопственик Боки 13. Овој случај не доби завршница бидејќи Азманов ги повлече обвинувањата, а и емисијата „Македонски инсајдер“ немаше долг рок на траење.
Во меѓувреме, во телевизијата беше вработен Лазар Јанев – син на специјалната јавна обвинителка која денеска поднесе оставка. Тој беше вработен како дел од правниот тим, а на социјалните мрежи се појави и фотографија од Боки 13 и Катица Јанева како најава за заеднички проект.
Во меѓувреме се појави и серијал пишувања за случаи на изнуда и рекет на фирми и градоначалници со износи од по 200-300.000 евра секој од нив каде новинарот Бранко Героски со псевдоними опишуваше дејствија на рекет во кои по својата содржина многумина ги препознаа Бојан Јовановски и двајца високи функционери на СДСМ.
Истрагата која денеска беше обелоденета се однесува за сличен случај, а обвинителството за организиран криминал ги повика сите лица кои имале искуство со слични дела за барање рекет и изнуда на пари од страна на Јовановски, да се охрабрат и да ги пријават.