Попладневната дремка на бебињата или малите деца на минусни температури е дел од секојдневието за родителите од Скандинавија.
Во зима дневните температури во Стокхолм редовно паѓаат под минус пет степени Целзиусови, но сепак е вообичаено да се видат колички со деца оставени пред куќа или кафе бар додека нивните родители пијат кафе внатре.
Доколку одите на гости и вашето дете заспие таму, веројатно е дека ќе ви понудат да го изнесете на балкон или во дворот, наместо во спалната.
– Мислам дека за нив е добро да спијат на свеж воздух, вели Лиза Мардон, мајка на три деца од Стокхолм.
„Особено во зима кога има многу болести… се чини дека децата така се поздрави“.
Ова не е нова мода. Мајката на Лиза, Гунила (61) вели дека истото го правела и со Лиза кога била мала.
Денес децата се оставаат да спијат надвор и во многу градинки. Во градинката Форсколан Орен, сите деца спијат попладне надвор додека не наполнат три години.
– Кога температурата ќе падне на минус 15, количките секогаш ги покриваме со ќебиња, вели воспитувачката Бритмари Карлзон.
Една група предучилишни деца цело време (од 9 до 15 часот) го поминуваат надвор. Внатре влегуваат само кога треба да јадат или кога е исклучително студено.
Се смета дека вака е многу помала веројатноста децата да настинат, отколку кога би поминувале цел ден во затворена просторија со уште 30 други деца. Едно истражување покажало дека децата подолго спијат надвор, отколку внатре.