Претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов ги повикa сите вистински пријатели и подржувачи на активностите на „Достоинство“, утре во хотелот „Континентал“ во 19 часот на презентација на планираните активности против, како што вели „националната катастрофа која ни се случува веќе подолго време“.
„Со овие активности убедени сме дека ќе биде отстранет Талат Џафери од функцијата министер за одбрана и нема да ги прекинеме додека УЧК е на чело на АРМ“ – напиша Ангелов во повикот на социјалната мрежа Фејсбук.
„Секојдневно добивав и сеуште добивам голем број на пораки со повици за организирање на протести против националната катастрофа која ни се случува со години наназад особено по изборот на Талат Џафери за министер за одбрана. Иако порано гледав со недоверба на ваквите пораки, овојпат повеќето од нив ми изгледаа искрено поради што одлучив преку Facebook да повикам луѓе кои ние од „Достоинство“ лично не ги познаваме. Пред неколку дена ги повикав сите наши вистински Facebook пријатели, но и сите останати пријатели и подржувачи на „Достоинство“, да дојдат во нашите канцеларии, за да им ја кажеме нашата визија за Македонија и заедно да се договориме што ќе преземеме понатаму против албанскиот екстремизам – пишува Ангелов задоволен од бројката од повеќе од сто граѓани кои се одзвале на поканата.
„И покрај тешкотиите на кои наидовме сепак успеавме да изнајмиме сала во хотелот “Континентал“ каде има одлични услови за одржување на нашиот втор состанок, на кој, меѓу другото, ќе ви ги најавиме и нашите конкретни активности кои ќе ги преземеме против изборот на Талат Џафери за министер за одбрана, но и неколку други наши активности кои се од исклучително значење за македонските национални достоинства, активности со кои ќе започнеме веќе од вторник. Да не дозволиме и овојпат да излезе по онаа старата, наша, македонска изрека дека секое чудо трае три дена. А потоа или забораваме или се помируваме. Ние од „Достоинство“ ниту забораваме, ниту се помируваме! Ниту ја забораваме, ниту се помируваме со националната катастрофа која ни се случува со години наназад. Ниту забораваме, ниту се помируваме бидејки се прашуваме што ќе биде следно? Која ќе биде следната отстапка? Кое ќе биде следното понижување што ќе ни го приреди власта по барање на албанските екстремисти од УЧК?“-се вели во повикот од лидерот на Достоинство.
На обвинувањата дека Достоинство со ваквите постапки шири меѓунационална нетрпеливост Ангелов одговара:
„Истовремено со нашите активности, некои сејачи на магла се обидуваат да не обвинат за ширење на меѓунационална нетрпеливост. Но, дали сме ние виновни, дали ние ја предизвикуваме се поголемата меѓуетничка нетрпеливост? Дали ние го рушиме духот на рамковниот договор за соживот со Албанците? Или е обратно? Дали се во духот на добриот соживот низата отстапки направени кон екстремните Албанци на штета на македонскиот народ? Дали е во духот на добриот соживот амнестирањето на воени злосторници опфатени со т.н. Хашки случаи, рушење и стопирање на изградбата на црквата-музеј на скопското Кале, насилната и незаконска промена на имиња на училишта и улици со имиња на албански балисти, екстремисти од ОНА и агресори од УЧК од Косово? Дали е во духот на добриот соживот отварањето на два музеи на УЧК во Македонија, незаконска изградба на споменици на борци на УЧК во Македонија вклучувајки го и споменикот на косовецот Адем Јашари од УЧК, качен на тенк од АРМ во непосредна близина на главниот град на Македонија? Дали е во духот на добриот соживот полагањето цвеќе и оддавање почит пред споменик на УЧК во униформи на АРМ од страна на претходниот министер за одбрана? Дали е во духот на добриот соживот обезглавувањето и сквернавењето на бисти на македонски револуционери и првоборци, сквернавењето на цркви и православни гробишта, прослава на денот на албанското знаме со илјадници албански знамиња со двоглави орли низ цела северозападна Македонија, одржување на сеалбанска прослава во Скопје на која присуствуваа сите албански лидери од Балканот а од која се испраќаа пораки за голема Албанија? Дали е во духот на добриот соживот официјалната изјава на поглаварот на Исламската Верска Заедница кој јавно кажа дека „обединувањето на албанските земји е Божја волја“ и дека „Албанија ќе има единствена граница“? Дали е во духот на добриот соживот доделувањето на титулата почесен граѓанин на Тетово на Рамуш Харадинај – командант на непријателската УЧК од Косово? И како капак на се, дали е во духот на добриот соживот изборот на командант Форина од УЧК за министер на АРМ?“.