Групата Г20 водечки светски економии е „длабоко загрижена“ поради глобалната криза со храна, се вели во нацрт-заедничката завршна декларација од самитот во Индонезија.
Глобалната безбедност на храната е „влошена од актуелните конфликти и тензии“, пишуваат лидерите од Г20, повикувајќи на употреба на „сите достапни алатки“ за борба против кризата и „заштита на најранливите од глад“.
Руската инвазија врз Украина, која почна на крајот на февруари, имаше сериозно влијание врз глобалните пазари на храна. Двете земји се сметаат за два од најважните извозници на жито во светот.
Земјите-членки на Г20, вклучително и Русија, ветија дека „ќе преземат акција за промовирање на безбедноста на храната и енергијата и поддршка на стабилноста на пазарите, обезбедувајќи привремена и насочена поддршка“, се вели во заедничката декларација.
„Ќе преземеме понатамошни координирани активности за справување со предизвиците за безбедноста на храната, вклучително и порастот на цените и недостигот на прехранбени производи и ѓубрива на глобално ниво“, нагласува Г20.
Извор: МИА