Британскиот Форин Офис соопшти дека заложничката криза во Алжир се уште не е завршена. Претставник на Mинистерството во Лондон изјави дека делови од постројките на наоѓалиштето за гас кај Ин Аменас, се под контрола на алжiрските сили за безбедност, но дека дел од нив се уште е во рацете на исламистичките терористи.
Британските власти претпоставуваат дека како заточеници има околу 20 британски државјани, но засега не се знае нивниот точен број, како и нивната судбина.
Премиерот Дејвид Камерон изјави дека Велика Британија треба да биде подготвена за „лоши вести“ од Алжир. Тој и денеска раковидеше со седницата на специјалната група Кобра, за вонредни состојби. Поради настаните во алжирската пустина и заложничката криза, британскиот премиер се откажа од своето долго очекувано и неколкупати одлагано излагање за иднината на британско-европските односи.
Пред два дена, една исламистистичка терористичка група, поврзана со мрежата на Ал Каеда, ги нападна постројките за црпење и преработка на гас, во југосточните делови на Алжир, земајќи како заложници преку 41 странски работницк. Еден Британец, заедно со по еден Французин и Алжирец беа убиени при нападот и освојувањето на наоѓалиштето за гас и на просториите во кои странските работници живеат.
Засега е потврдена смртта на четворица заложници и на извесен број терористи кои загинаа при интервенцијата на алжирската армија, во обидот да се ослободат заложниците. Дел од киднапираните вчера успеаја да побегнат а меѓу нив се еден работник од Шкотска, како и еден Ирец.
Наоѓалиштето за гас се наоѓа на 40 километри од пустинскиот град Ин Аменас и 1300 километри од главниот град Алжир. Според алжирските власти, терористите се дојдени од соседна Либија, која поради по соборувањето на Моамер Гадафи се претвори во рај за разните северноафрикански терористички групи.