Вонреден НАТО состанок за идните чекори на Алијансата во руско-украинската војна

Од:

Министрите за одбрана повторно се состануваат во Брисел денеска на вонреден состанок, a на дневен ред е засилувањето на НАТО на истокот, можна мировна мисија, и заштитата на украинското небо, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Овој нов вонреден состанок на земјите членки на НАТО ќе започне со седница на која ќе земат учество министрите за одбрана на Украина, Грузија, Шведска и Финска, по што 30-те земји членки ќе разговараат за најголемите предизвици со кои се соочува Северноатлантската Алијанса, три недели по почетокот на руската инвазија на Украина.

На пристигнување во седиштето на НАТО во Брисел утрово, некои министри за одбрана на земји членки ги изразија своите ставови пред новинарите.

Велика Британија порача дека денеска ќе се разговара за полскиот предлог за испраќање на меѓународна мировна мисија во Украина, но дека претходно треба да се соберат сите детали за овој предлог. Естонскиот министер за одбрана од своја страна не ја исклучи оваа опција но нагласи дека за тоа ќе биде потребно зелено светло од Советот за безбедност на Обединетите Нации. Други земји членки сепак сметаат дека е рано за ваква мисија и дека е прво потребен прекин на огнот.

Она за што се согласни сите 30 земји членки е дека ќе продолжат да испраќаат оружје во Украина и ќе продолжат да и помагаат на сите можни начини, финансиски, хуманитарни или воени, истовремено засилувајќи го присуството и подготвеноста на Алијансата во источниот дел.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека мора НАТО да направи сѐ овој конфликт да не ескалира надвор од Украина.

-НАТО одговори на бруталната инвазија на Украина на единствен и брз начин, наметна строги санкции врз Русија, пружа значителна воена, финансиска и хуманитарна помош и ја засилува колективната одбрана со зајакнување на трупите и зголемена подготвеност, рече шефот на Алијансата.

Тој им се заблагодари на САД за нивната улога во зајакнувањето на колективната одбрана на Европа преку испраќање нови трупи.

Американскиот државен секретар за одбрана, Лојд Остин, од своја страна увери дека членот пет на НАТО е цврст и дека во случај на напад врз една земја членка на НАТО, ќе одговори целата Алијанса.

Во овој контекст на денешниот состанок земјите на НАТО ќе разговараат и за дронот кој падна во Загреб. Вчера Столтенберг порача дека ова беспилотно летало било невооружано, а НАТО членките чекаат да соберат повеќе детали за овој инцидент пред да одлучат како и дали ќе одговорат.

Конечно некои земји повторно на маса ќе го стават прашањето за забрана на летови над украинското небо, или no-fly zones (НФЗ). Оваа иницијатива нема поддршка од САД, ниту од повеќето големи земји членки на НАТО, но естонскиот министер за одбрана, Кале Ланет, не исклучи промена во ставовите.

-Има разни ставови на оваа тема, државите кои можат да вршат контрола врз НФЗ треба да дискутираат за ова, треба да најдеме консензус, рече тој и истакна дека во НАТО може брзо да се променат ставовите.

– Видовме колку бргу се менуваат одлуките, рече шефот на естонската одбрана, тоа значи дека никогаш не се знае колку брзо може да се промени одлуката за НФЗ.

Стравот во НАТО е дека доколку се прогласи зона на забрането летање, тоа ќе значи директна конфронтација меѓу НАТО и Русија и ризик од војна на целиот континент, хипотеза што Естонецот ја отфрли, но без повеќе детали.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Американскиот Конгрес одобри помош за Украина

Русија бомбардирала свој град: по грешка погодена Белгородската област

ВИДЕО: Во руски напад урната ТВ кулата во Харков

Русија ја предупредува Европа: Ако ни го земете имотот, одговорот ќе боли

САД испраќа огромен пакет воена помош за Украина

Русите ја презедоа контролата врз селото Богдановка

Предраг Петровиќ