Полицијата во Тунис уапси тврдокорен исламист во врска со убиството на опозицискиот политичар Шокри Белаид, чија смрт, претходно овој месец, предизвика бурни протести и доведе до политичка криза во земјата, пренесоа британските медиуми.
-Полицијата привела салафит, осомничен за убиството на Белаид, изјави извор од силите за безбедност, без да посочи повеќе детали.
Според непотврдени податоци, соопштени од извори во полициските редови и цитирани од француските медиуми, уапсениот бил 31-годишен мајстор на мебел.
Приведен бил и негов соучасник, кој му помогнал да избега со мотоциклот од место на злосторството.
Туниското радио Експрес соопшти за тројца приведени салафити, меѓу кои и еден полицаец, за убиството на Белаид.
На 6 февруари опозицискиот политичар смртно беше погоден со четири куршуми пред својот дом. Неговата смрт предизвика масовни протести во Тунис, најголемите по соборувањето на претседателот Бен Али пред две години. Голем дел од демонстрантите ја обвинија владата дека е одговорна за убиството на левичарскиот политичар. На крајот, премиерот Хамади Џебали мораше да поднесе оставка.
Властите пред неколку дена соопштија за напредок во истрагата за убиството и за приведувањето на неколку осомничени, но не го прецизираа нивниот број и идентитет.