Повеќе од 30 заложници и 14 киднапери беа убиени денеска во воздушните напади на алжирските вооружени сили на гасната постројка, каде што екстремистите ги држеа работниците како заложници, објави мавританската агенција АНИ, додека АП наведува дека најмалку 20 странски заложници успеале да избегаат.
Ројтерс укажува, дека за сега не е можно да се проверат наводите на мавританската агенција, но потсетува дека таа има блиски контакти со групата блиска на Ал Каеда, која ја презеде одговорноста за киднапирањето на работниците како одговор на францускиот напад на исламистите во соседниот Мали.
Претходно, еден алжирски официјален претставник за безбедност, изјави дека најмалку 20 странци успеале да избегаат од исламистичките киднаперите, кои од вчера ги држеа како заложници на гасната постројка во јужниот дел на Алжир.
Претставникот, кој побара да остане анонимен, потврди дека меѓу оние кои побегнале има американци и европејци, без да прецизира детали, пренесува АП.
Точниот број на заробени и избегани заложници се уште не е утврден.
Алжирската официјална агенција APS јави порано, дека 30, од повеќе десетици заложници кои вчера беа заробени од страна на исламистите, ова утро, успеале да избегаат, а некои агенции јавија дека избегале 15 странци и 30 алжирци.
Исламистите вчера го нападнаа гасното поле на,”Бритиш петролеум” Во Ин Аменас во јужниот дел на Алжир и заробија 41 странски заложници, а порано и денеска побараа алжирската војска, која ги опколи исламистите, да се повлече за да почнат преговорите.
Ситуацијата во Мали стана критична кога исламските бунтовници поврзани со Ал Каеда се приближија до престолнината Бамако, а Франција започна воена интервенција за да ја запре нивната офанзива.