Во судири меѓу христијани и муслимани во Централноафриканската Република (ЦАР) оваа недела загинаа најмалку 31 лице, меѓу кои голем број цивили, соопштија денеска локален свештеник и претставници на Црвениот крст.
Немирите започнале во понеделникот околу 300 километри северно од главниот град Бангуи, кога борци на муслиманското движење Селека, кое е на власт од минатата година, нападнале контролен пункт поставен од христијанска милитантна група „Антибалака“.
– Доброволци на Црвениот крст вчера пронајдоа 21 тело, главно цивили. Останатите 10 тела биле во воени униформи, веројатно борци на Селека, кои се откриени во масовна гробница, истакна католичкиот свештеник, отец Евералдо де Соуза.
Во оваа земја Франција има распоредено околу 2.000 војници, а Африканската унија трипати повеќе. Овие трупи се обидуваат да го спречат она што ОН го опишуваат како етничко чистење на муслиманското малцинство.