Во Малезија денеска почна првото судење на приврзаници на групата Исламска држава (ИД) и потенцијални учесници во борбите во Ирак и Сирија.
Тројцата обвинети, архитект и техничар на 26-годишна возраст и 42-годишен трговец, биле уапсени во септември на аеродромот во Куала Лумпур, а веќе биле качени во авионот чија дестинација била Турција.
Неофицијално, во истражните затвори сега има најмалку триесетина Малезијци кои се осомничени за прпаганда и собирање на доброволци за боиштето во Ирак и Сирија, а меѓу нив се бараат и екстремните муслимани кои најавуваа формирање на исламски калифат во подрачјето меѓу Малезија и Филипините.
Минатата недела малезиското Министерство за внатрешни работи упати апел за поголема соработка меѓу разузнавачките служби на државите од регионот, нагласувајќи дека не треба да се потценуваат идеите и евентуалните акции на радикалните муслимани во неговата држава, но и во Брунеи, на Филипините и во Индонезија.