Во Алжир денеска се одржуваат претседателски избори, а околу 23 милиони гласачи ќе треба да се определат меѓу шестмина кандидати, од кои најголеми шанси за победа му се даваат на актуелниот шеф на државата Абделазиз Бутефлика.
Околу 50.000 гласачки места биле отворени во осум часот по локално време, а за безбедноста на изборниот процес во најголемата африканска држава се ангажирани над 260.000 полицајци.
Фаворит на овие избори е актуелниот претседател, 77-годишниот Бутефлика, кој дојде на власт во 1999 година и се наоѓа на чекор од четвртиот претседателски мандат. Негов главен против кандидат е поранешниот премиер Али Бенфилс (69), кој се надева дека би можел да го загрози соперникот, од кого драстично загуби на претседателските избори во 2004 година.
Единствената жена меѓу кандидатите е 60-годишната пратеничка Луиза Хануне, на која ова и е трета претседателска кандидатура.
Останатите кандидати се лидерот на Алжирскиот национален фронт, Муса Туати, потоа борецот за човекови права Али Фавзи Рибен и лидерот на опозицискиот фронт Ел Мустакбел, Абделазиз Белет, кој првпат се кандидира за оваа функција.