Шефот на Комисијата за јавни услуги на Зимбабве, Џонатан Вутавунаше денеска ги известил државните службеници дека ако не се вакцинираат против Ковид-19, нема да им биде дозволено да работат и нема да бидат платени.
Вутавунаше, потврдил за ДПА дека писмото од 15 септември, во кое им се вели на сите 300.000 државни службеници да се вакцинираат или да останат без плата, е вистинско.
– Во согласност со одлуката на Кабинетот, сите државни службеници ќе бидат вакцинирани без одлагање и невакцинираните членови нема да смеат да се јават на должност и нема да се сметаат дека работат, се вели во писмото на Вутавунаше.
– Затоа, се повикуваат сите шефови на министерства да договорат сите државни службеници под нивна јурисдикција да бидат вакцинирани и да им објаснат на сите што ќе изберат да не се вакцинираат дека нема да се смета дека работат, се додава.
Оттогаш разни работнички синдикати соопштија дека ќе одат на суд, опишувајќи ја директивата на Вутавунаше како „драконска“ и „дискриминирачка“.
– Додека ние продолжуваме да ги повикуваме нашите членови и сите граѓани да се вакцинираат, ние дефинитивно ќе ја одведеме владата на суд за прашањето за задолжителна вакцина. Работниците или граѓаните не треба да бидат дискриминирани врз основа на нивните верувања и вредности. Владата треба да стори повеќе за ширење информации за важноста од вакцинирање отколку за командна програма за вакцинација, изјави Робсон Чере, шеф на Обединетите синдикати на рурални наставници.
Според официјални информации, досега 1.963.058 луѓе се целосно вакцинирани во Зимбабве, земја со околу 14,6 милиони луѓе.
Зимбабве има 127.083 потврдени случаи на коронавирус и има регистрирано 4.551 смртни случаи од оваа болест, според Универзитетот Џонс Хопкинс.