Шест од 27-те кандидати за идни еврокомесари на новиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, “висат во воздух”, откако Европскиот парламент ги оцени негативно нивните сослушувања пред Комитетите во ЕП задолжени за ресорите што е предвидено да ги водат во иднина.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, со оглед на тоа што Европалраментот го има последниот збор за избор на новиот состав на Колеџот на комесари, можно е Јункер да мора да го реконструира својот првично предложен состав со цел да не му “падне” целиот комесарски состав на гласањето на пленарна седница на ЕП што ќе се одржи на 22-ри овој месец во Стразбур.
Досега, во Европскито парламент во Брисел се одржа 21 сослушување, односно две третини од предложениот нов состав за Колеџот на комесари. Притоа, Европарламентот јавно изрази сомнеж за квалитетот на шестмина од кандидатите: Вера Јурова (Чешка), Мигел Ариас Кањете (Шпанија), Тибор Наврачич (Унгарија), Корина Крецу (Романија), Пјер Московиси (Франција) и Џонатан Хил (Велика Британија).
Чешките европратеници се најскептични во однос на кандидатката на нивната земја, Јурова, која Јункер предложи да биде комесар за правда, потрошувачи и полова еднаквост. За нив, Јурова не покажала големо знаење и способност на сослушувањето. Но, најпроблематичен за поголемиот дел од европратениците е Шпанецот Кањете (кандидат за комесар за енергетика), кој всушност доживеа“рафална стрелба” на сослушувањето во европскиот законодавен дом поради поврзаност со нафтената индустрија, но и промената на неговата изјава за финансиски интерс во последен момент.
Тој е најпроблематичен од сите шестмина и покрај неговите гаранции дека ниту тој, ниту некој член на неговото семејство има било-каква поврзаност со компании што се занимаваат со производство и дистрибуција на нафта и нафтени производи.
Унгарецот Наврачич, пак, е цел на европратениците поради неговата безрезервна поддршка на моделот на нелиберална демократија што го практикува унгарскиот премиер Виктор Орбан. Затоа, кандидатот на Јункер за образование, култура, млади и граѓанство би можело да биде вратен да си ја извршува претходната функција – министер за надворешни работи на Унгарија.
Кандидатурата за комесар за регионална политика на Романката Крецу, пак, ја проблематизираа пратениците од редовите на Европските народни партии (ЕПП), најбројна партија во ЕП, чии кандидати се и Наврачич и Кањете. Кандидатката на романската држава, наводно, не ги импресионирала европските демо-христијани. Французинот Московиси и Британецот Хил се спорни поради големината на нивните држави и позициите што им ги намени Јункер за во следниот Колеџ на комесари.
За дел од пратениците во Европарламентот, довчерашниот шеф на дипломатијата на Франција би бил“тројански коњ” во новата неформална Влада на Европската унија ако го добие местото комесар за економија и финансиски прашања.
Хил, пак, чија идна функција би требало да биде комесар за финансиска стабилност, финансиски услуги и унија на капитален пазар, европратениците го нарекоа “лисица во кокошарник”.
Како и да е, според Мина Андреева, која е дел од портпаролскиот тим на наследникот на Жозе Мануел Барозо на чело на ЕК, Јункер е задоволем од претставувањето на сите 21 кандидати за идни еврокомесари. Тој, наводно, засега нема намера ништо да менува и дека за тоа како минуваат сослушувањата, постојано се консултира со претседателот на парламентот, Мартин Шулц.
Сепак, останува да се почека да завршат сите сослушувања на 7-ми овој месец, по што ден подоцна, како и на 9-ти октомври, групите во Европарламентот и претседателската конференција ќе го дадат конечното мислење, пред да се замине на гласање на 22-ри, каде целиот состав од 751 европратеник, треба со просто мнозинство да го одобри новиот состав на Колеџ на комесари.
Инаку, откако е започнат сегашниот принцип за избор на нов состав на Европската комисија преку сослушување и со дозвола на Европскиот парламент во 1995 година, досега на двапати се случувало поради проблематични кандидати да не биде избрана на време новата неформална Влада на ЕУ и тоа двапати при избор на комесарите на Барозо кој во два мандати (2004 и 2009 година) беше претседател на ЕК. Па, така, на првото сослушување во 2004 година, “паднаа” двајца кандидати, а третиот мораше да добие нов ресор. Италијанскито кандидат Роко Бутиљоне, кој беше номиниран за комесар за правда, слобода и безбедност, ја загуби довербата на европратениците поради хомофобични и мачистички изјава. Потоа, мораше да биде заменет со Франко Фратини.
Летонката Ингрида Удре, пак не пројде поради некомпетентност и на нејзино место, Летонците го испратија Андрис Пибалгс. Унгарецот Ласло Ковач, пред десет години мораше да го замени ресорот енергетиката и наместо тоа стана еврокомесар за даноци, бидејќи за првото портфолио не покажа доволно знаење.
Пет години подоцна, во 2009 година, од втората Комисија на Барозо отпадна кандидатката на Бугарија, Румјана Желева, која имаше катастрофално лоша изведба пред европратениците, па Бугарите ја заменија со Кристалина Георгиева, која и сега е кандидатка за иден комесар.
Сепак, според информациите во официјален Брисел, изборот на идната Еврокомисија, овојпат се одржува во поинакви околности. Европскиот парламент успеа да ја протурка својата идеја за “шпицекандидатен” на европските избори, па именувањето на Жан-Клод Јункер за претседателот на Комисијата претставува победа на Европарламентот над земјите-членки.
Затоа, во претходните две расправи на ЕП при изборот на ЕК на Барозо беше важно да се покаже дека Европската комисија не зависи само од земјите-членки, туку и од законодавниот дом.
Но, новата Комисија на Јункер сега е израз на волјата на ЕП и затоа не е во интерес на парламентот политички да ја ослабне Комисијата, посебно што меѓу кандиатите на Јункер има пет поранешни премиер или претседатели и 17 поранешни министри. Затоа, според некои очекувања, тимот на поранешниот премиер на Луксемборг и покрај некои забелешки, се очекува дека на крајот би поминал“мазно” на гласањето на пленарната седница на Европарламентот на 22-ри овој месец во Стразбур.