Самитот на лидерите на Групата 20 (Г-20) беше отворен денеска на островот Бали со барање на Индонезија, која е домаќин на самитот, за единство и конкретна акција, со што би се постигнало подобрување на глобалната економска состојба, и покрај длабоките поделби што постојат меѓу земјите околу војната во Украина.
„Немаме други опции, потребна е соработка за да се спаси светот. Г-20 мора да биде катализатор за инклузивно економско закрепнување. Не треба да го делиме светот на блокови. Не смееме да дозволиме светот да западне во нова студена војна“, рече индонезискиот претседател Џоко Видодо во воведното обраќање, пред лидерите на најбогатите земји во светот да ги започнат разговорите зад затворени врати.
Земјите од Г-20 сочинуваат 85 отсто од светското економско производство и 75 отсто од светската трговија.
Во нив живеат две третини од светската популација.
Членки на Г-20 се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и претставници на Европската унија, односно администрацијата во Брисел. Шпанија е секогаш поканета како гостин.
Пред самитот, американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг одржаа тричасовен состанок и порачаа дека никогаш не треба да се води нуклеарна војна.
Тоа беше нивна прва средба откако Бајден стана претседател. Двајцата лидери ветија почеста комуникација и покрај многуте разлики.
Извор: МИА