Хаос, пукање и палеж се случува на улиците на повеќе јужноафрикански градови и денеска, а во скротувањето на немирите кои започнаа во петокот по спроведувањето на поранешниот претседател Џејкоб Зума во затвор, ќе се вклучи и јужноафриканската војска, беше соопштено.
Воените патроли веќе се наоѓаат на улиците низ градовите, но армијата во денешното соопштение наведе дека „распоредувањето ќе започне веднаш штом ќе завршат подготовките“.
Во земјата и денеска продолжија кражбите и палењето згради и автомобили, четврти ден по ред од затворањето на поранешниот претседател Џејкоб Зума, кој е осуден на 15 месеци затвор поради непочитување на судот. Според извештаите, има десетици загинати, а меѓу жртвите е и шестмесечно бебе, кое било погодено во главата од заскитан куршум. Денеска беше јавено и за уште еден смртен случај, на маж кој изкрвавил откако бил избоден со нож.
Во некои градови и населби, локалното население самоиницијативно се организира во вооружени групи кои пукаат врз толпите криминалци кои пљачкосуваат и палат сѐ пред себе.
JUST IN – Armed citizens fire on rioters in Durban, South Africa. pic.twitter.com/2CqNacAnz2
— Disclose.tv ? (@disclosetv) July 12, 2021
Колку долго ќе бидат распоредени војниците и нивниот точен број ќе се утврди „врз основа на полициската проценка на состојбата на теренот“, додава армијата.
„Улогата на армијата ќе биде да овозможи безбедност и работно опкружување за да може полицијата да ја заврши својата работа во подобри услови“, се додава во соопштението.
Зума минатата недела беше спроведен на издржување на затворската казна поради непочитување на судот, откако одби да одговара на прашања на антикорупциската комисија за време на неговиот мандат.
Ова е првпат во историјата на Јужна Африка поранешен претседател да е осуден на затворска казна.
Зума, претседател на економски најразвиената африканска земја од 2009 до 2018 година, е обвинет за бројни случаи на корупција, рекетирање, измами, затајување данок и перење пари.