ВИДЕО: Трамп ги избрка CNN и Politico од Белата куќа

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека „веднаш“ ќе им забрани на CNN, MS NOW и Politico пристап до Белата куќа, што е нова епизода во неговиот долгогодишен конфликт со дел од медиумите.

Трамп во петокот на „Truth Social“ напиша дека овие медиуми „постојано објавуваат или известуваат измислици или лаги“ за неговата администрација, но не наведе конкретни примери.

Подоцна изјави дека станува збор за „многу едноставна забрана“, но не објасни како би се спровела. Не е јасно дали на вработените во овие медиуми би им бил забранет пристапот до комплексот на Белата куќа.

CNN веднаш ја осуди најавата, оценувајќи ја како „незаконски напад“ врз слободата на медиумите во САД. Потенцијалната забрана најверојатно би се соочила со правни предизвици.

Новинари на Politico и CNN и кратко по објавата на Трамп сè уште биле во комплексот на Белата куќа. Екипа на CNN истовремено патувала со потпретседателот Џеј Ди Венс до и од настан во Ајова.

Од CNN соопштија дека потенцијалната забрана би била незаконска и дека мрежата „целосно стои зад својот тим во Белата куќа и неговото фер и точно известување“.

„Имаме право според Уставот на САД да известуваме без попречување или мешање од владата“, наведоа од CNN.

Politico, исто така, соопшти дека ќе продолжи „фер да известува за оваа и за идните администрации“ и дека ќе ги брани своите права загарантирани со Првиот амандман.

MS NOW, поранешен MSNBC, одби да коментира.

Трамп во својата објава најави дека може да следуваат и други медиуми. На новинарско прашање на кого мисли, тој ги спомена „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, оценувајќи ги како „лажни вести“.

Претседателката на Здружението на дописници од Белата куќа, Џеки Хајнрих, соопшти дека организацијата ги поддржува новинарите кои, како што рече, се издвојуваат затоа што ја вршат својата работа.

„Ова е повеќе од прашање на правата на новинарите. Станува збор за правото на американскиот народ да добие целосен и независен извештај за активностите, политиките и одлуките на оној што ја извршува највисоката функција во земјата“, рече Хајнрих.

Трамп подоцна во Овалната соба изјави дека нема „конкретна причина“ за објавувањето во петокот, туку дека станува збор за „наталожени приказни во последните неколку години“.

Тој додаде дека „можеби ќе има и други“ медиуми кои ќе бидат опфатени, но не наведе имиња.

Од Белата куќа и медиумските организации веќе има повеќегодишни несогласувања околу пристапот на новинарите. Во февруари администрацијата соопшти дека ќе преземе контрола врз изборот на медиумите кои имаат пристап до претседателот, наместо тоа да го прави Здружението на дописници од Белата куќа, кое повеќе од еден век управуваше со прес-пулот.

Истиот месец администрацијата им го ограничи пристапот на новинарите и фотографите на „Асошиејтед прес“ до простори со ограничен пристап, како Овалната соба и претседателскиот авион, поради одлуката на агенцијата да го користи називот „Мексикански Залив“ наместо „Залив на Америка“. АП потоа поднесе тужба, која сè уште е во тек.

Трамп и во првиот мандат имаше спор со CNN, кога му беше одземена акредитацијата на дописникот Џим Акоста. Акредитацијата му беше вратена откако CNN поднесе тужба.

Најавата за забраната на CNN, MS NOW и Politico веднаш беше критикувана и од организации за заштита на слободата на медиумите.

Институтот „Најт“ за Првиот амандман при Универзитетот Колумбија оцени дека доколку Трамп има намера да ги отстрани овие медиуми од прес-пулот, таквата одлука би била спротивна на Уставот, бидејќи, според институтот, новинарите не може да бидат исклучени врз основа на нивните ставови или известување.

Комитетот на новинари за слобода на печатот соопшти дека очекува судовите брзо да ја поништат евентуалната забрана, оценувајќи ја како спротивна на Првиот амандман.

Трамп во последните години покрена правни постапки и против повеќе американски и меѓународни медиуми, меѓу кои „Волстрит журнал“, „Њујорк тајмс“ и Би-би-си.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Трамп го потпиша законот за новите санкции за Русија

ВИДЕО: Трамп најавува голема одлука за Иран, Американците мислат дека нема план за војната

ВИДЕО: Трамп жестоко и се закани на Европа поради Канада

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Рекордни цени на дизелот во САД, Трамп го обвини Зеленски

ВИДЕО: Трамп бара од Зеленски да прекине со нападите на руските рафинерии

ВИДЕО: Нафтата над сто долари за барел поради ескалацијата на Блискиот Исток

Катерина Ѓуровски