Трамп се откажа од дел од понудата за Русија: „Стана јасно дека не се заинтересирани“

Од:

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тивко се откажа од идејата за користење деловни зделки со цел да ја поттикне Русија да стави крај на војната во Украина, откако Москва покажа слаб интерес за предложените проекти во енергетскиот и авијацискиот сектор, објави денеска „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).

Пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, им соопштиле на европските претставници дека деловната соработка повеќе не е клучна компонента од понудата на САД кон Русија, пишува весникот, повикувајќи се на петмина функционери запознаени со промената во американскиот пристап.

Високи руски и американски претставници – меѓу кои и Кушнер – разговараа за можноста за вклучување американски инвеститори во гасоводите „Северен тек“, преку кои се испорачуваше гас за Германија пред руската инвазија врз Украина, објави „Ројтерс“ во октомври.

Кушнер, кој се обидува да посредува за постигнување примирје меѓу Русија и Украина, ја смета деловната соработка за суштинска за воспоставување мир. Според „Фајненшел тајмс“, тој исто така предложил неколку проекти за периодот по војната, вклучително и инвестиции од американски компании во руски нафтени потфати и во производството на титаниум.

Руските претставници првично реагираа позитивно на американските предлози, но оттогаш Москва го загуби интересот за таа идеја. Русија продолжува да инсистира дека, во замена за мир, Украина треба да отстапи дел од својата територија и да се согласи на други отстапки што Киев ги смета за неприфатливи.

„Стана сосема јасно дека Русите не се заинтересирани за такви работи“, изјави еден од претставниците за „Фајненшел тајмс“ (Financial Times).

Во октомври, администрацијата на Трамп привремено ги олесни американските санкции врз руските горива – санкции кои првично беа воведени за да ѝ се ускратат на Москва приходите потребни за финансирање на војната против Украина. Олеснувањето на санкциите уследи откако Русија се согласи да го снабдува глобалниот пазар со дизел, со цел да се намалат цените на горивата.

Би можело да ве интересира

САД ги предупредија своите граѓани да не патуваат во Украина: Руските напади може да се случат во секој момент

Горан Наумовски

Трамп подготвува нови царини за ЕУ

Иран нема да го отвори Ормутскиот теснец сè додека САД не ги прифатат сите седум услови

Баро: Русија се обидува да ги колонизира умовите, но нема да успее

Калибаф: Иран стана една од четирите светски сили

Зеленски: Ќе побарам од новиот Конгрес на САД да го зголеми притисокот врз Русија