Интернетот е преплавен со видео записи на кои се гледаат чувари, кои се обидуваат да фатат мало слонче, кое не сака да се раздели од мртвата мајка.
Драмата се одвивала во северна Кенија во Самбру, каде што чуварите цела ноќ се обидувале да го фатат малечкото слонче за да го згрижат, но тоа тврдоглаво одбивало да ја напушти својата мајка.
По повеќе обиди, во утринските часови му дале инјекција за да заспие, по што со авион го однеле во„ Здружението Шелдрик”, прифатилиште во кое што има околу триесет мали слонови.
-Спасувањето на Сокотеи беше битка со времето. Беше многу тажен, но поради дождот и фактот дека се работи за диво животно, моравме да го чекаме утрото – вели директорот на прифатилиштето, Роб Брендфорд.
Здружението „Шелдрик“ води грижа за слоновите кои што се помлади од три години, односно за оние кои се зависни од млеко. Кога ќе пораснат ги испраќаат во еден од двата реинтеграциски центри во Националниот парк „Тсаво“.
Е. Г.