Соединетите Американски Држави, и покрај конфликтот со Иран, располагаат со доволен воен потенцијал за да одговорат на заканите ширум светот, вклучително и оние што доаѓаат од Кина, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
„Очигледно сме доволно големи за да се справиме со заканите ширум светот, вклучително и со Кина“, изјави Венс за „Фокс њуз“.
Тој призна дека Вашингтон го гледа Пекинг како голем ривал, чии геополитички амбиции во бројни прашања се спротивставени на интересите на Белата куќа. Сепак, нагласи дека постоечките несогласувања нема да ја спречат администрацијата на Доналд Трамп да се стреми кон воспоставување позитивни и постабилни односи со Кина.
Венс се осврна и на снимката генерирана со вештачка интелигенција, која Трамп ја објави на социјалните мрежи, а на која е прикажано наводно уништување на иранскиот остров Харг, најважниот центар за извоз на нафта од Иран.
Според американскиот потпретседател, објавата на Трамп не претставувала најава за конкретна воена операција, туку директно предупредување до властите во Техеран.
„Претседателот сака повремено да го менува начинот на комуникација на социјалните мрежи. Тој прв би рекол дека воените операции не ги најавува преку социјалните мрежи, но мислам дека со ова им испраќа порака на Иранците“, рече Венс.
Тој додаде дека Вашингтон има информации оти Иран продолжува да ги загрозува комерцијалните бродови, поради што Трамп сакал да стави до знаење дека Соединетите Американски Држави таквите постапки ги сметаат за неприфатливи.
„Знаеме дека продолжуваат да гаѓаат комерцијални бродови“, нагласи американскиот потпретседател.
Американскиот функционер, сепак, потврди дека островот Харг не бил цел на последните американски напади. Американските сили погодиле два ирански ракетни лансери на островот Ларак, додека снимката за Харг што ја објави Трамп била генерирана со вештачка интелигенција.
Пред избувнувањето на војната, Харг бил одговорен за околу 90 отсто од иранскиот извоз на нафта, па евентуален напад врз островот би нанел сериозен удар врз економијата на Исламската Република, наведува „Ројтерс“.
Трамп претходно најави силен одговор доколку Техеран продолжи да ги загрозува американските сили и меѓународната пловидба. Истовремено, американската администрација тврди дека располага со доволно капацитети за одбрана на земјата и за дејствување на повеќе кризани жаришта ширум светот.
