Здравствените власти во Белгија најавија дека Новавакс, неодамна одобрена во Европа, ќе пристигне во земјата кон крајот на февруари.
Оваа петта вакцина одобрена во Европа е со американско потекло и функционира со различна технологија од досега присутните вакцини на континентот, и властите се надеваат дека ова ќе има позитивно влијание врз скептичните граѓани кои сѐ уште не се вакцинирани.
За разлика од другите вакцини, за Новавакс протеинот С на вирусот Ковид-19 е произведен во лабораторија и директно се инјектира кај пациентот, додека Џонсон, Модерна, Фајзер и АстраЗенека ги содржат генетските информации кои им овозможуваат на човечките клетки сами да го произведат клучниот протеин С.
Белгија предвидува прво да ги задржи дозите Новавакс за неколкуте илјадници пациенти во земјата кои се алергични на состојките на другите вакцини или кои имале екстремна реакција после првата доза, поради што не можеле да ја комплетираат вакциналната шема од две или три дози.
Потоа останатите дози ќе им бидат достапни и на лицата кои стравуваат од досегашните вакцини.
Извор: МИА