Униформата на британскиот адмирал Хорацио Нелсон, кој командуваше со Кралската морнарица во прочуената Битка кај Трафалгар во 1805 година, првпат ќе биде префлена во Франција и изложена во Париз.
Униформата во која загина Нелсон на палубата на командниот брод „Виктори“, откако беше смртно ранет од истрелот на еден француски војник, по безмалку 208 години, ќе оди на „непријателската територија“.
Некои британски историчари цинично забележуваат дека доколку Нелсон би можел да знае што се случува, би се превртел во неговиот гроб, затоа што тој настрада во екот на Наполеоновите војни во тогашна Европа и времето на „смртното непријателство“ меѓу Франција и Велика Британија.
Униформата на Нелсон, чиј столб со неговиот споменик на врвот на плоштадот Трафалгар во Лондон е еден од симболите на британскиот главен град, ќе биде еден од главните експонати на изложбата „Наполеон и Европа“, што од 27 март до 14 јули ќе се оддржи во Париз. На униформата се уште се видливи дупката низ која влегол куршумот, како и трагите од крв од раната.
Битката кај Трафалгар е една од најголемите поморски битки на британаката Кралска морнарица, славена во нејзината историја како голема победа врз заедничката и побројна француско-шпанска флота. Иако историчарите тврдат дека таа имала голем удел во крајната победа на сојузничките антинаполеонови сили и по Трафлгар, Наполеоновите војни продолжија уште десет години.