Резултатите од студијата на Програмата за развој на УНДП покажуваат дека речиси 90 отсто од светската популација има предрасуди кон жените.
Во студијата се посочуваат предрасудите дека мажите се подобри од жените во водење политика или фирма, студирањето е поважно за мажите отколку за жените и дека мажите треба да имаат приоритет на работниот пазар кога понудата на работните места е мала.
– Девет од десет лица во светот, вклучително и жени, имаат барем по една предрасуда кон жените. Предрасудите се најсилни во Пакистан, Катар, Нигерија, а најмалку предрасуди има во Андора, Шведска и Холандија, се истакнува во студијата.
УНДП посочува дека и покрај напредокот постигнат изминатите децении и понатаму постојат невидливи бариери помеѓу мажите и жените.
Еден од директорите на УНДП, Педро Консеисао истакна дека „во борбата за рамноправност на половите треба да се вклучи елиминацијата на предрасудите“.
– Напорите беа многу ефикасни во елиминирање на разликите во здравството или образованието, сега треба да се оди понатаму, со цел да се соочиме со уште потешкиот проблем: длабоко вкоренетите предрасуди, како кај мажите така и кај жените, што ја спречуваат вистинската рамноправност, изјави Ачим Стинер од УНДП.
Програмата за развој од Обединети нации ги повикува Владите и институциите да почнат да користат нов политички пристап за да се стави крај на стереотипните размислувања и дискриминаторски практики и да се промени поразителната статистика од извештајот по кој 28 отсто од луѓето мислат дека е нормално мажите да ги тепаат жените.