Тунискиот Парламент ја одобри реконструкцијата на владиниот кабинет, предложена од премиерот Хихем Мечичи, и покрај големото несогласување и резерви на претседателот Каис Саид, јави германската новинска агенција ДПА.
За време на синоќешната седница, Парламентот одобри 11 нови министри, предложени од Мечичи. Тој ја најави реконструкцијата минатата недела во услови на немири поради големата невработеност и лошите владини услуги.
Премиерот е на функција од септември и е поддржан од неколку главни партии и блокови во парламентот.
Стотици демонстранти се собраа во близина на парламентот пред гласањето за доверба на парламентот за да побараат ослободување на околу 1.000 демонстранти кои беа уапсени за време на антивладините митинзи овој месец.
Претседателот Каис Саид се спротивстави на номинациите на неколкумина нови министри, тврдејќи дека постојат обвинувања за корупција и судир на интереси поврзани со нив.