Американскиот претседател Доналд Трамп денеска го бранеше договорот со рускиот претседател Владимир Путин за увоз на руски дизел во САД, откако потегот предизвика остри критики во Европа, Украина и дел од американскиот Конгрес.
„Донесов правилна одлука за американскиот народ“, напиша Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој смета дека одлуката е оправдана поради потребите на американскиот пазар, а истовремено ја посочи и европската набавка на руски енергенси. Неговата реакција доаѓа по неколкудневните критики за договорот со Путин. Европските претставници предупредуваат дека дополнителните приходи од руски енергенси би можеле да ѝ помогнат на Москва да го финансира војувањето во Украина, а договорот остро го критикуваше и Киев.
Трамп на 9 октомври објави дека со Путин договорил испорака на руски дизел за американскиот и светскиот пазар. Според најавата, Русија треба веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизел, дополнителни 500.000 тони во текот на ноември, а потоа уште еден милион тони.
Тој најави и можност за дополнителни испораки од неколку милиони тони, во зависност од состојбата на руските рафинерии. Потоа, Вашингтон привремено ги ублажи ограничувањата за увоз на руски дизел до април 2027 година.
Европската Унија порача дека ќе продолжи со притисокот врз Русија и со санкциите. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека за завршување на војната е потребен посилен притисок врз Москва, а не отворање нови извори на приходи за Русија.
Договорот го критикуваше и канадскиот премиер Марк Карни, кој оцени дека тој е во директна спротивност со напорите на Украина, Канада и нивните сојузници за постигнување мир и стабилност во Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека договорот со Путин не е „праведен ниту искрен“ и предупреди дека приходите од руските енергенси ѝ овозможуваат на Москва да продолжи со војната.
Критики пристигнаа и од САД. Неколку републикански сенатори се спротивставија на договорот, а сенаторот Том Тилис предупреди дека потегот би можел да биде во спротивност со американскиот закон. Група сенатори од двете партии ја повикаа администрацијата на Трамп веднаш да се откаже од планот.
Аналитичарите, пак, го доведоа во прашање и економскиот ефект од договорот. Почетните 300.000 тони руски дизел претставуваат релативно мала количина во споредба со американската потрошувачка, па не се очекува самата испорака значително да ги намали цените на горивата во САД.
