Шефот на италијанската дипломатија и вицепремиер Антонио Тајани денеска категорично ги демантираше тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој изјави дека никогаш немало никаква координација со Украина во врска со нападот врз руските бродови во Либија, меѓу кои бил и воениот брод „Меркур“.
Одговарајќи на критиките на италијанската премиерка Џорџа Мелони поради украинскиот напад врз руските бродови во Либија, Зеленски претходно денеска ја бранеше операцијата како легитимна. Тој порача дека украинските сили „никогаш не напаѓаат“ без претходна координација со своите партнери, објави весникот „Стампа“.
Тајани, сепак, нагласи дека немало никаква координација и дека сојузниците не биле информирани за украинските активности во Либија, заклучувајќи дека она што го кажал Зеленски „не е вистина“.
Италијанскиот министер истакна дека Италија не сака војната од Украина да се прелее на други територии, ниту конфликтот дополнително да се прошири во медитеранскиот регион. Тоа, според него, е и главната причина за острата дистанца на Рим од оваа акција.
