Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја денес изјавата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен – која сугерираше дека „енергетско примирје“ би покажало оти рускиот претседател Владимир Путин е сериозен во однос на мировните преговори – рече дека нејзините зборови ги потврдуваат загриженостите на Русија во врска со капацитетот на ЕУ да заземе конструктивен став и да го поддржи мировниот процес.
– Русија не треба да одговара на ничии ултиматуми; напротив, таа мора да ги штити сопствените национални интереси, изјави Песков за информативниот портал *Вести*.
Тој напомена дека, иако Европејците одговориле на поканите да дојдат во Москва на разговори, природата на таквите дискусии останува нејасна.
„Се разбира, со вакви ултиматуми, исклучително е тешко да се преземе улогата на посредник или учесник во преговорите за мировно решение“, истакна Песков.
Тој додаде дека Русија никому ништо не должи и мора да обезбеди заштита на сопствените национални интереси.
Во обраќањето пред пратениците во Европскиот парламент (ЕП) за време на пленарната седница во Стразбур во средата, Фон дер Лајен изјави дека, доколку Путин се согласи на „енергетско примирје“ во текот на зимата, како и на прекин на огнот во Црното Море за да се олесни извозот на украински прехранбени производи, тоа би „покажало дека Русија е сериозна во однос на преговорите“, пренесува *Политико*. Таа исто така најави дека „силен европски тим ќе учествува во следната рунда преговори“.
Говорејќи за стратегијата на ЕУ, таа пред Европскиот парламент изјави дека Европа ќе продолжи да ѝ дава максимална поддршка на Украина, истовремено зголемувајќи го притисокот врз Русија, паралелно со целосен европски ангажман во преговорите насочени кон постигнување траен мир.
