Тајландската Влада забрани споделување на вести кои „предизвикуваат страв кај јавноста“, дури и да се вистинити, јави Гардијан, додавајќи дека владата на азиската земја се соочува со сѐ поостри критики за начинот на кој се справува со пандемијата.
Владата на Тајланд ги заостри мерките според вонредниот указ издаден пред повеќе од една година, кој првично беше насочен кон лажните вести. Според последните ограничувања, на луѓето им е забрането да шират „информации што предизвикуваат страв кај јавноста“ или да споделуваат „искривени информации што предизвикуваат недоразбирања кои влијаат на националната стабилност“.
Мерките беа осудени од медиумските групи и експерти за човекови права и се толкуваат како обид да се замижи пред реалност и да се замолчи дебатата во општеството. Сунај Фасук, висок тајландски истражувач во азиската филијала на Хјуман рајтс воч, го опиша владиниот потег како „сериозен удар“ врз слободата на печатот во земјата.
– Мислам дека Владата е свесна оти сега се соочува со криза на доверба поради катастрофалниот одговор на ситуацијата со Ковид-19, но наместо да се обидува да најде подобри и поефективни решенија, таа избира да ги спречи сите да зборуваат за нејзините неуспеси, рече Сунаj.