Брзото ширење на т.н. „супермаларија“, односно опасниот облик на паразит кој ја предизвикува таа болест, на подрачјето на југоисточна Азија претставува алармантна глобална закана, предупредуваат научниците.
Овој облик на паразит кој предизвикува маларија, а го шират комарците, не може да се убие со вообичаените лекови против маларија, јави Би-Би-Си. Паразитот прво се појави во Камбоџа, а потоа се рашири во длеови на Тајланд и лаос, а стаса и до јужен Виетнам.
Тим од оксфордското Одделение за истражување на тропски болести во Бангкок соопшти дека постои реална опасност маларијата да стане неизлечива.
– Сметаме дека станува збор за сериозна закана. Алармантно е тоа што тој вид паразит се шири исклучително брзо по целиот регион и стравуваме дека може да се рашири уште повеќе и на крај да ја зафати и Африка – изјави професор Арџен Дондроп, директор на тоа Одделение.
Истражувачите појаснуваат дека во последно време дошло до „кобен развој“ на опасниот паразит, кој покажува отпорност на лекото „артемисинин“, најчестата терапија за лекување маларија.
Дондроп вели дека успешноста на лекувањето се намалила за една третина во Виетнам, додека во некои делови на Камбоџа не можат да се излекуваат дури 60 отсто од заразените.
Отпорноста на лекови би била катастрофална во Африка, каде се забележани 92 отсто од сите случаи на досега заболени од маларија, констатира Би-Би-Си. Околу 212 милиони лица секоја година се заразуваат со маларија, а голем процент од нив се деца.