Индексите на азиските берзи пораснаа од најниските нивоа во последната година

Од:

Акциите на азиските берзи денеска пораснаа, исто како и на Волстрит ден претходно, бидејќи се намалија стравувањата од новиот сој омикрон на коронавирусот, а новите економски стимулации во Кина ги охрабрија инвеститорите.

Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без јапонскиот, утринава во 7 часот порасна за 0,6 отсто, откако вчера се лизна на своето едногодишното најниско ниво.

На берзата во Токио индексот Никеи скокна за повеќе од два отсто, додека цените на акциите во Шангај, Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,1 и 1,8 отсто.

Азиските инвеститори се охрабрени од новите стимулативни мерки во кинеската економија. Кинеската Централна банка најави дека ќе го намали износот што банките треба да го чуваат како задолжителна резерва, на приближно 188 милијарди долари, со цел да се стимулира кредитирањето, а со тоа и економскиот раст.

Ова е втор ваков потег годинава бидејќи по минатогодишното силно закрепнување од кризата со коронавирусот, растот на втората по големина светска економија забавува поради забавувањето на производствениот сектор, проблемите со недвижностите и постојаниот ризик од Ковид-19.

Позитивно на берзите се одрази и вчерашниот скок на берзанските индекси на Волстрит за повеќе од еден отсто. Најголемата светска берза е нестабилна веќе десет дена, откако се појави веста за омикрон сојот на коронавирусот, што може да биде позаразен од претходните и отпорен на постоечките вакцини.

Затоа, инвеститорите се плашат од повторно затворање на економиите, што би го забавило закрепнувањето од кризата со коронавирусот. Но, тие стравови се намалија вчера, откако др. Ентони Фаучи, советник во Белата куќа за здравствената криза, рече дека и покрај брзото ширење, омикрон засега не претставува високо ниво на загриженост.

-Инвеститорите сега се помалку загрижени за омикрон, рече Кинг Лип, стратег во Baker Avenue Asset Management.

Благодарение на тоа, шпекулациите за заострување на монетарната политика на американската Централна банка, кои ги држеа инвеститорите во последните денови, вчера беа во втор план.

А на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути благо падна. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 96,22 поени, додека вчера во ова време беше 96,26 поени.

Истовремено, цената на нафтата дополнително порасна, откако вчера скокна за речиси пет отсто. На лондонскиот пазар цената на барелот поскапе за 0,7 отсто на 73,65 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за еден отсто на 70,20 долари.

Би можело да ве интересира

Доларот зајакнува петта недела по ред

Светски берзи: Доларот ослабе, цената на нафтата порасна

Катерина Ѓуровски

Светски берзи: Зајакнат доларот, цената на нафтата порасна

Доларот зајакна, цената на нафтата расте

Светски берзи: Доларот ослабе, цената на нафтата благо порасна

Светски берзи: Доларот зајакна, цената на нафтата благо падна