Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска изјави дека не планира средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.
– Треба да се обидеме да го искористиме состанокот на Г20 за да ги убедиме сите наши партнери да извршат поголем притисок врз Русија, рече Мишел на прес-конференција.
Главните преговарачи на земјите од Г20, вклучително и претставниците на Москва, ја договорија прелиминарната верзија на завршната декларација од самитот во Индонезија, потврди денеска Мишел и тоа го оцени како позитивен почеток.
Европа ќе одржува контакти со Кина, но има потреба од „ребаланс“ на односите за да не падне во преголема зависност од Пекинг во области како што се иновативните технологии, додаде претседателот на Европскиот совет.
Тој рече дека вчерашната средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг била важна и позитивна во смисла дека „направен е избор за конкуренција наместо систематски конфликти“.
Европа, исто така, ќе ги одржува односите со Кина и покрај разликите меѓу двете земји, бидејќи, според Мишел, „важно е да се слушаме и да развиеме подобро меѓусебно разбирање“.
Сепак, Европа мора да избегне да ги прави „истите грешки“ што ги направи со руските фосилни горива, рече тој.
– Што се однесува до Кина, не би сакале да бидеме премногу зависни од иновативните технологии што ни се потребни денес и кои ќе ни требаат во иднина. Затоа е важно да се направи ребаланс во односите и за таа цел од клучно значење е да одржуваме контакти со кинеските власти, рече Мишел.
Извор: МИА