Лидерите на Групата 20 најразвиени земји во светот (Г20) ќе се состанат утре во австралискиот град Бризбејн, на дводневен самит, на кој ќе доминираат економските теми, но не е исклучена можноста да биде разгледано и прашање за кризата во Украина.
За денеска е најавено доаѓањето на 13 светски лидери, меѓу кои и претседателите на САД, Русија и Кина, кои меѓу останатото ќе се фокусираат на мерките на економскиот раст во нивните стопанства.
Домаќинот на самитот, австралискиот премиер Тони Абот изјави дека светските лидери ќе разговараат за создавање нови работни места, за мерките со кои би се спречило затајувањето на данок, како и за поттикнување на глобалниот раст.
– Пред шест години влијанието на глобалната финансиска криза се почувствува во целиот свет. Иако кризата е зад нас и натаму се бориме со јавниот долг и невработеноста, истакна Абот во соопштението пред самитот.
– Предизвиците пред лидерите од Г20 се јасни, да се зголеми растот, да се намали невработеноста и да се зајакнат финансиските способности. Мораме да ја намалиме дефлацијата, која им се заканува на најголемите европски економии, порача Абот.
Се очекува дека лидерите на моќните светски економии ќе ги прошират плановите, кои се договорени во февруари на состанокот на министрите за финансии на земјите од Г20 во следните пет години да се зголеми економскиот раст на глобално ниво за два отсто.
Самитот се одржува во момент на зајакнати тензии меѓу Западот и Русија поради нејзината улога во судирите во Украина.
За тоа дека Украина ќе доминира во разговорите меѓу светските лидери најдобро зборува изјавата на британскиот премиер Дејвид Камерон во пресрет на самитот.
Тој изјави дека Русија би можела да се соочи со нови санкции, доколку не се посвети на решавање на конфликтот во источна Украина, а досегашните чекори на Москва во Украина ги нарече неприфатливи.
Иако најмногу внимание привлекува тоа дали освен економските прашања ќе стане збор и за тензиите во врска со украинската криза, активистите за заштита на животната средина многу повеќе се грижат дали лидерите ќе разговараат и за климатските промени.
Повеќе од 200 демонстранти вчера се собраа на познатата сиднејска плажа Бонди, каде приредија перформанс. Тие легнаа и ги ставија главите во песок за да покажат што мислат за тоа колку светските сили работат на заштита на животната средина.
Австралија како домаќин на самитот вети дека климатските промени ќе имаат високо место на агендата.
Самитот се одржува под зајакнати мерки за безбедност, а речиси шест илјади полицајци се ангажирани за обезбeдување на учесниците на средбата.
Дозвола да организираат протести во јаснo одбележани области добија 27 организации, а се очекува за време на викендот, кога ќе се одржува самитот, да дојдат неколку илјади активисти.